Катар: Почнаа преговорите меѓу САД и Иран во Швајцарија

Макфакс

21/06/2026

15:23

216

Големина на фонт

а а а

Катар денеска објави дека започнале преговори меѓу САД и Иран во Швајцарија, со посредство на Катар и Пакистан, со цел исполнување на одредбите од привремениот договор и подготовка на конечен договор.

Катар денеска соопшти дека во Швајцарија започнале преговори меѓу САД и Иран, со посредство на Катар и Пакистан, на кои ќе се разговара за спроведувањето на одредбите од привремениот договор меѓу двете страни.

„Формирани се специјализирани технички и експертски работни групи за преговори за одредбите од конечниот договор што ги опфаќа сите аспекти од Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Ал-Ансари.

Тој додаде дека се формирани и надзорни групи кои ќе ја следат примената на меморандумот и напредокот кон постигнување конечен договор.

Според Ал-Ансари, Катар, како една од земјите посредници, ќе продолжи да работи со Пакистан и со сите вклучени страни на создавање позитивна атмосфера што ќе овозможи преговорите да ги постигнат своите цели.

Разговорите се фокусирани на подготовка на конечен договор и на следење на спроведувањето на веќе договорените обврски меѓу Вашингтон и Техеран.