Повеќе од две недели на големо се шпекулираше дека Виктор Муњоз ќе биде нов играч на Њукасл, а откако двата клуба си подадоа рака за реализирање на зделката, пристигна изнендување кое малку кој го очекуваше.
„Страчките“ издвоија 30 милиони евра и се доби впечаток дека добија замена за Антони Гордон во суперталентираното шпанско крило, но наместо да го гледаме на „Ст. Џејмс парк“, Муњоз во иднина ќе биде дел од тимот кој настапува на „Енфилд Роуд“.
Ливерпул го одврза ќесето и со еден потег ја расипа трансфер операцијата на Њукасл, такашто прифати да ја исплати откупната клаузула вредна 40 милиони евра.
Ова значи дека новопечениот шпански репрезентативец во новата сезона ќе го гледаме во Премиер лигата, и тоа како директна замена за Мохамед Салах кој реши да си замине од Ливерпул.
Според договорот кој претходно го имаа склучено Осасуна и Реал Мадрид, „кралевите“ ќе инкасираат 20 милиони евра од продажбата на Муњоз, бидејќи според клаузулата која беше вметната, на клубот од шпанската престолнина му следат 50 проценти од правата на фудбалерот.
Муњоз изминатава сезона настапуваше во Осасуна и одигра извонредно добро на низа натпревари во Ла Лига, а при реализацијата на најновиот трансфер, се вели дека Реал Мадрид задржал опција да го откупи од Ливерпул за одредена сума на пари во годините кои претстојат.






