Групата Х се покажа како најнепредвидлива за фудбалските фанови и оние кои даваат типови во првата рунда, бидејќи по сензационалниот кикс кој го направи Шпанија, не победи ниту вториот фаворит во оваа група.
Уругвај влезе во дуелот со Саудиска Арабија како селекција која се стреми да избие на врвот на табелата, но првото полувреме беше прескромно од избраниците на Марсело Биелса.
Јужноамериканците не беа доволно конкретни и беа казнети за таквиот пристап од Ал Амри во 41-та минута, а бидејќи водството за Саудиска Арабија пристигна во најдобро време, искусниот Биелса имаше многу работа на паузата.
Што и да им кажа на своите фудбалери, мора да се признае дека селекторот успеа да ја добие најдобрата верзија на Уругвај во вториот дел, па иако беше избегнат пораз, генералниот заклучок е дека небесно сините заслужија многу повеќе.
По канонада шанси пред голот на Ал Оваис, Макси Араухо конечно го пронајде патот до мрежата во 80-та минута, по што до крајот на мечот следеше вистинска опсада. Уругвај на секаков начин се обиде да стигне до втор гол кој ќе беше победнички, но голманот Ал Оваис прерасна во јунак и на двапати мајсторски интервенираше во судиското продолжение.
Саудискиот голман го заврши мечот со девет успешни интервенции и сосема заслужено го понесе МВП приматот на оваа средба.







