Платете влезница, па „печете“ се на сонце: Погледнете каква строга мерка вовеле на Сардинија, туристите во неверување: „Морам да го поведам дедо ми или да набавам дете“

Точка

12/06/2026

16:33

933

Големина на фонт

а а а

Кој сака сенка на една од најубавите плажи на Сардинија, ќе мора со себе да поведе дете или пензионер.

Новите правила на плажата Пунта Молентис во местото Виласимиус предизвикаа бран неверување меѓу туристите и локалното население. Според одлуката на општината, ова лето на плажата ќе важат строги мерки. Чадори за сонце смеат да постават само семејства со деца помлади од 10 години и лица постари од 65 години. Семејствата притоа имаат право на само еден чадор. На сите останати на возраст меѓу 10 и 65 години им е забрането поставување каков било засолник од сонцето, вклучувајќи тенда, шатори или други видови заштита.


Но, тоа не е сè. Плажата сега е достапна само со претходна резервација. Посетителите можат да влезат меѓу 8 и 20:30 часот, а се плаќа влезница од 10 евра по лице. Овие мерки ќе важат до крајот на октомври. Властите ја оправдуваат одлуката со заштита на природата. Плажата Пунта Молентис се наоѓа во заштитено подрачје, а минатото лето беше затворена по голем шумски пожар што предизвика огромна штета. Покрај тоа, како причина за построгите мерки ги наведуваат и невообичаените метеоролошки услови на морето. Во соопштението на општината се наведува дека целта е да се ограничи влијанието на човечките активности за да се зачува природната убавина за идните генерации.


Многу посетители и жители не се воодушевени од ваквите правила. На социјалните мрежи брзо се појавија духовити, но и лути реакции. „За да поставам чадор за сонце, треба да изнајмам дете?“; „Значи, за да имам сенка, треба да го поведам дедо ми или до утре да набавам дете“, се само дел од коментарите.

Некои изразија загриженост поради здравствените ризици од силното сонце, додека други повикуваат на бојкот на плажата и заминување на други локации каде што е дозволена заштита од сонце.


Пунта Молентис не е единствениот случај. Во местото Јесоло, во близина на Венеција, бројот на лежалки и чадори за сонце е намален за дури 20.000, со цел да се обезбеди повеќе простор меѓу гостите. Притоа, приватните клубови на плажа стануваат сè поскапи.

„Според податоците на организацијата Алтроконсумо, цените за две лежалки и чадор за сонце пораснале за 24 отсто во последните пет години“, пренесе Билд.