[ВИДЕО] Највисоките столбови достигнуваат 61 метар: Напредува изградбата на пругата кон Бугарија

Макфакс

11/06/2026

08:32

579

Големина на фонт

а а а

Напредува изградбата на железничката пруга кон Бугарија, со столбови кои достигнуваат висина од 61 метар, што ја прави оваа инфраструктура еден од најголемите проекти во земјата. Железничкиот проект е дел од Коридор 8 и има за цел да ги подобри транспортните врски на Македонија со Европа.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави видео од изградбата на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, оценувајќи дека станува збор за еден од најголемите инфраструктурни зафати во државата.

„На делницата Бељаковце – Крива Паланка се градат мостови со столбови високи до 61 метар – повисоки од повеќекатници во урбана средина. Во изградбата ќе бидат вградени десетици илјади тони железо и 125.000 кубни метри бетон. Ова не е само железница, ова е инженерско чудо и доказ дека Македонија е способна за големи подвизи“, напиша Николоски на својот профил на Фејсбук.

Тој посочи дека изградбата на пругата претставува значаен чекор во развојот на железничката инфраструктура и подобрувањето на транспортната поврзаност на државата.

Железничката делница Бељаковце – Крива Паланка е дел од железничкиот Коридор 8, проект што треба да овозможи подобро поврзување на Македонија со европските транспортни мрежи.