[ВИДЕО] Жерновски: Три силни потврди од ЕУ дека со Мицкоски нема реформи

Макфакс

04/06/2026

15:11

360

Големина на фонт

а а а

Андреј Жерновски од СДСМ на прес-конференција изнесе три важни потврди од Европската Унија кои го докажуваат отсуството на искрени реформи во Македонија под водство на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи на проблеми во владеењето на правото, странско мешање и политички манипулации.

Македонската јавност доби три клучни потврди од највисоко европско ниво за она што опозицијата го говореше со месеци, со што целосно се разобличени манипулациите на премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, изјави на денешната прес-конференција секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски.

Тој посочи дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јасно ставил до знаење дека уставните измени се единствениот услов за формално отворање на преговорите со Европската Унија, со што мора да престане секоја понатамошна дебата и политичка манипулација.

Како втора потврда, Жерновски го наведе вчерашниот извештај за земјава од известувачот Томас Вајц, усвоен од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, во кој децидно се констатира дека нема напредок од претходниот извештај. Според него, ова е доказ дека е изгубена цела година без суштински реформи, особено во клучните области како што се владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Жерновски обвини дека актуелната власт нема намера да го реформира правосудниот систем, туку напротив, преку јавни настапи најавува политички прогон и директно се меша во работата на обвинителството, што го потврдуваат и изјавите на самиот премиер за давање насоки на јавниот обвинител.

Третата потврда од Брисел, според СДСМ, се однесува на нотирањето на странското непријателско мешање и кампањите за дезинформации. Жерновски истакна дека извештајот ја верификува поврзаноста меѓу ВМРО-ДПМНЕ и српската владејачка партија СНС на Александар Вучиќ, чија заедничка цел е водење антиевропска кампања за да се спречи влезот на земјава во ЕУ. Во тој контекст, тој го прозва вицепремиерот Иван Стоилковиќ за директни врски со српските и руските структури, нагласувајќи дека организирањето поддршка за Вучиќ во Куманово поминува со премолчено одобрување од страна на премиерот Мицкоски.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ ја оцени реториката на власта како лажен патриотизам кој служи единствено за заштита на криминалната моќ на владината група, со цел да се оневозможи европската контрола и непречено да продолжи корупцијата. Тој додаде дека додека владата ги убедува граѓаните дека идентитетот е загрозен, функционерите од власта и нивните семејства патуваат со бугарски пасоши, што претставува врвна манипулација. Жерновски потенцираше дека оваа евроскептична пропаганда е во спротивност со волјата на дури 77 отсто од граѓаните кои сакаат да живеат во европска Македонија и упати официјален повик до власта веднаш да распише референдум на кој граѓаните сами ќе одлучат меѓу изолацијата и европската иднина.