Започна процесот за изработка на Националната стратегија за развој на туризмот 2027–2032

Макфакс

04/06/2026

15:10

213

Големина на фонт

а а а

Денес започна процесот за изработка на Националната стратегија за развој на туризмот за периодот 2027–2032 година, со цел создавање на одржлив и конкурентен туристички сектор во Северна Македонија. Стратегијата ќе се фокусира на регионален развој, заштита на природните и културни богатства, како и унапредување на услугите и дигитализацијата во туризмот.

Денес во Музејот на македонската борба во Скопје се одржа првата јавна расправа посветена на изработката на Националната стратегија за развој на туризмот на Република Северна Македонија за периодот 2027–2032 година.

На настанот се обрати министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека започнувањето на процесот на подготовка на новата Национална стратегија претставува значаен чекор кон создавање современ, одржлив и конкурентен туристички сектор.

Во своето обраќање министерот нагласи дека туризмот е еден од клучните двигатели на економскиот развој, создава нови работни места, привлекува инвестиции и придонесува за промоција на државата на меѓународната сцена. Тој посочи дека во услови на брзи глобални промени, дигитализација и нови барања на современите туристи, неопходен е стратешки пристап кој ќе обезбеди долгорочен и одржлив развој на туристичката индустрија.

„Македонија располага со исклучителни природни и културни богатства, нашата задача е овој потенцијал да го претвориме во силна конкурентска предност и во препознатлив туристички бренд на регионот и пошироко“, истакна министерот Љутков.

На јавната расправа присуствуваа претставници на туристичките агенции, хотелскиот сектор, туристички водичи, угостителски работници, претставници на локалните самоуправи, туристички здруженија, стопански комори, академската заедница и експерти од областа на туризмот.

Во рамки на процесот на изработка на стратегијата, предвидени се повеќе јавни консултации и тематски работилници со сите засегнати страни, со цел да се обезбеди широк консензус и активно учество во креирањето на идните политики за развој на туризмот.

Новата Национална стратегија за развој на туризмот 2027–2032 ќе биде насочена кон, рамномерен регионален развој на туризмот, ефективен дестинациски менаџмент, одржливо користење и заштита на природното и културното наследство, дигитализација и модерна туристичка промоција, развој на нови туристички производи и искуства, унапредување на квалитетот на услугите и човечките ресурси во секторот.

Министерството за култура и туризам ја потврдува својата заложба за транспарентен и инклузивен процес, во кој стручната јавност и туристичкиот сектор ќе имаат клучна улога во дефинирањето на визијата за идниот развој на туризмот во Република Северна Македонија.