Новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, испрати јасна порака дека Софија нема намера да отстапи од позициите договорени во 2022 година и дека напредокот на Македонија кон Европската Унија останува директно поврзан со исполнувањето на преземените обврски, пред сè со уставните измени. Во изјава за бугарската национална телевизија БНТ, Петрова нагласи дека станува збор за европска, а не за билатерална рамка, оценувајќи дека Скопје треба да се насочи кон решенија наместо кон продлабочување на конфликтите.
Петрова потсети дека лично учествувала во креирањето на таканаречениот „француски предлог“ и во преговарачката рамка од 2022 година, која беше прифатена од двете страни. Според неа, Бугарија очекува Македонија да ги реализира преземените обврски, вклучително и внесувањето на Бугарите во Уставот, како предуслов за отворање на следните фази од пристапниот процес кон ЕУ.

Изјавите на новата шефица на бугарската дипломатија доаѓаат во период на повторно заострување на реториката меѓу Скопје и Софија. Македонската влада останува на ставот дека нема да прифати уставни измени без дополнителни гаранции дека нема да следуваат нови барања поврзани со идентитетските и историските прашања. Во меѓувреме, македонските власти сè почесто го отвораат и прашањето за правата на Македонците во Бугарија и спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Од Софија, пак, повторуваат дека постои широк политички консензус околу ова прашање и дека моменталниот „прозорец“ за проширување на Европската Унија треба да биде искористен. Пораките на Петрова се толкуваат како сигнал дека бугарската позиција останува непроменета и покрај промените во владата, а спорот околу уставните измени и натаму ќе биде едно од клучните прашања на патот на Македонија кон членство во ЕУ.







