Мицкоски: Ќе обезбедиме поевтина цена на струјата

Макфакс

28/05/2026

17:40

162

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, најави дека нема да има поскапување на струјата, туку дека се планира поевтинување од 5 до 10 проценти, преку измена на Законот за енергетика и контролирана набавка на електрична енергија од ЕСМ.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања, кажа дека е најдено решение да нема поскапување на струјата, туку дека е можно поевтинување од 5 до 10 отсто.

„Во разговори со Европската Комисија дојдовме до еден релативен компромис, а тоа е да интервенираме во Законот за енергетика во кој ќе допрецизираме, иако законот е таков и либерализиран пазарот за електрична енергија, ние би допрецизирале дека државната ЕСМ нема да испорачува повеќе од 70% од количините потребни за снабдувачот почнувајќи од 1 јануари 2027. ЕВН ХОУМ објавува тендер еднаш годишно, и тој тендер го опфаќа период од 1 јануари до 31 декември, и е завршен и не можеме на пола тендер да интервенираме и затоа велиме од 1 јануари 2027 година. Создадовме портфолио коешто ако добро го оптимираме не само што нема да ја поскапи цената на електричната енергија, туку и во дадена мерка ќе ја поевтини. Целта ни е да понудиме конечна цена за 2027 година што на крај ќе имплицира 5 до 10 проценти поевтина цена на електрична енергија за граѓаните“, кажа Мицкоски.

Премиерот појасни дека количината на електрична енергија која ја трошат граѓаните е поделена во два дела, првиот дел го содржи делот на грејната сезона, од 15 октомври до 15 април, 24 часа на ден плус периодот од денот од 15 април до 15 октомври во ноќните часови, а вториот лот е периодот од денот од 15 април до 15 октомври преку ден кога сончевата радијација е најсилна и кога соларните панели најмногу произведуваат електрична енергија и која е поевтина од таа која се троши во ноќните часови.

„Создадовме еден креативен модел кој можеме да го аплицираме, не само што ќе го исполниме чекорот, туку и ќе обезбедиме за граѓаните поевтина цена на електричната енергија 5 до 10%, затоа што цената која денеска ја продаваат соларните панели односно фотоволтаичните централи е во одредени периоди од денот со минусна цена односно плаќаат за да некој им ја откупува. Креиравме вин-вин ситуација, од една страна да го исполниме чекорот, од друга страна да обезбедиме поевтина цена за електричната енергија за граѓаните“, рече премиерот Мицкоски.