Европа сонува за заедничка војска, а без караница не може да направи ниту еден заеднички авион: Се распаѓа големиот европски воен проект

Точка

28/05/2026

22:34

440

Големина на фонт

а а а

Европејците имаат големи планови за заеднички вооружени системи. Но и тука важни се работните места во сопствената земја, се двоумат и околу нарачките, а тешко е да се каже и што точно ќе биде потребно во војната на иднината.

Европа сакаше заеднички да развие борбен авион од нова генерација: „Јурофајтер“ (Eurofighter) всушност е проект што започна уште во осумдесеттите години од минатиот век и, и покрај подобрувањата, во не толку далечна иднина повеќе нема да биде на нивото на конкуренцијата, пишува „Дојче веле“.

Но, во расправата за заедничкиот авион се отвораа сè повеќе прашања: каде конкретно ќе се произведува? Какво оружје мора да може да носи? Колку ќе чини тоа? И кога станува збор за прописите до кои Германија упорно се држи: кому воопшто ќе смее да му се продава во странство?


Сè на сè, најголемиот европски одбранбен проект сега би можел да заврши со два одделни авиона. „Ербас“ (Airbus), кој ја застапува германската и шпанската страна во програмата „Фјучр Комбат Ер Систем“ - ФЦАС (Future Combat Air System – FCAS), на прашање на ДВ одговори дека е подготвен за „преструктурирање на програмата“ по години политички и индустриски спорови.

Тоа би можело да вклучи решение со два авиона, при што Франција и Германија би развивале одделни борбени авиони. Соработката ќе остане, но пред сè кај дроновите, сензорите и дигиталните системи што во реално време го поврзуваат бојното поле.

Бидејќи основното прашање оди уште подлабоко од самите национални интереси: според искуствата од современото бојно поле, колку воопшто борбениот авион и понатаму е важен во арсеналите на идните армии?


Но, веќе и признанието дека сепак би можеле да настанат два авиони претставува голем пресврт за проектот кој некогаш се претставувал како симбол на француско-германското воено единство.

Може ли ФЦАС уште да се спаси?

„Владите на Франција, Германија и Шпанија продолжуваат со разговорите за да се одлучи што понатаму со проектот ФЦАС, изјави портпаролот на „Ербас“ за ДВ. Главниот директор на „Ербас“, Гијом Фори, е уверен дека пошироката програма и понатаму има смисла, дури иако борбениот авион во нејзиниот центар е блокиран.

„Застојот на една компонента не смее да ја загрози целата иднина на оваа европска способност во високата технологија“, рече Фори. За „Ербас“ не е проблем решението со два авиони, доколку владите така одлучат.

Но, спорен не е само авионот, туку се наметнува и прашањето: можат ли најголемите европски сили сè уште заеднички да развиваат големи системи на вооружување?


Како настанал овој проект?

По долгата традиција на соработка започната уште во седумдесеттите години со авионот „Алфаџет“, ФЦАС во 2017 година го започнаа Франција и Германија, а подоцна им се приклучи и Шпанија. Проектот вреден околу 100 милијарди евра би требало до околу 2040 година да донесе борбен систем од шеста генерација. Програмата далеку го надминува самиот борбен авион. Вклучува и дронови, беспилотни летала за придружба, мотори и „борбен облак“ што во реално време ги поврзува авионите, сензорите и податоците од бојното поле.

Но токму борбениот авион стана главен извор на судири, веќе и поради целите што тој мора да може да ги исполнува. Франција сака идниот авион да може да дејствува од носач на авиони и да носи нуклеарно оружје. Германија — која не е нуклеарна сила ниту има носачи на авиони — нема такви барања. Берлин веќе одлучи да купи американски ловци Ф-35 за НАТО-мисии поврзани со нуклеарното одвраќање.


Неодамна и германскиот канцелар Фридрих Мерц јавно ги призна тие разлики. А ако тие разлики не успеат да се „стават под ист покрив“, тогаш и целиот проект едвај има смисла.

Каде ќе бидат работните места?

Политичкиот спор произлегува и од индустрискиот: „Dassault Aviation“, францускиот производител на борбениот авион „Рафал“, сака јасно водство над новиот авион. „Ербас Дифенс енд Спејс“ (Airbus Defence and Space) ги застапува германските и шпанските интереси и бара поголема улога. Резултатот е долготраен спор околу водството, распределбата на работата и преносот на технологија. Ниту по повеќе обиди за посредување немало значајни поместувања.

„Ербас“ сега навестува дека решението би можело да биде да се престане со обидите сите барања да се „сместат“ во еден авион, бидејќи и барањата на денешното бојно поле се значително поинакви отколку што биле уште пред десетина години. За многу воени експерти, најважниот дел од ФЦАС можеби повеќе не е самиот авион, туку мрежната поврзаност на сите вооружени системи на бојното поле.


„Борбениот облак“ — дигитален систем што ги поврзува авионите, дроновите, сензорите и оружјето на копно, во воздух и на вода — сè повеќе се смета за област во која европската соработка сè уште има смисла. Експертот за одбрана Кристијан Мелинг изјавил за ДВ дека овој систем е важен бидејќи Европа во таа област и понатаму во голема мера зависи од САД. Други експерти сметаат дека развојот на дронови, софтвер и мрежно поврзување на бојното поле би можел да продолжи дури иако проектот за борбен авион се подели или намали.

Тоа не би бил политички успех како некаков заеднички авион, но би можело да спречи целосен распад на ФЦАС.

А што е со европскиот „супертенк“?

Проблемите околу ФЦАС сега се прелеваат и врз вториот клучен француско-германски проект: „Меин Граунд Комбат Систем“ - МГЦС (Main Ground Combat System (MGCS). И додека Германија сè уште донекаде беше подготвена да ѝ признае на Франција поголемо искуство во борбените авиони, Франција мораше да го прифати фактот дека тука Германија има подобри карти.

МГЦС треба да го замени германскиот „Leopard 2“, но пред сè Франција итно има потреба од наследник за својот тенк „Леклерк“. Проектот беше покренат заедно со ФЦАС во 2017 година како дел од поширок политички договор меѓу Париз и Берлин.


Поделбата беше јасна: Франција го води развојот на борбениот авион преку „Dassault“, а Германија го води развојот на тенкот благодарение на својата индустрија за оклопни возила. Намерата не беше само да се произведе оружје, туку да се поврзат двете најголеми европски воени сили.

Но, тој договор сега се ниша: ако има промени кај борбениот авион, тогаш би можел да се наруши и односот на силите врз кој почива новиот тенк. И тој проект постојано запнува: сега германската компанија „Рајнметал“ тврди дека нејзиниот нов тенк „Пантер“ веќе е тенк на иднината и дека всушност нема голема потреба да се бара и развива нешто уште поново. Сепак, политиките на Франција и Германија во 2024 година се договорија за продолжување на следната фаза, но не се очекува системот да влезе во употреба пред околу 2040 година.

Тест за европската одбранбена индустрија

Руската агресија врз Украина ги поттикна европските влади да издвојуваат повеќе средства за сопствената одбрана, а се покажа и дека толкава зависност од САД не е добра. Оттогаш ЕУ повикува на заедничка набавка на оружје и зајакнување на европската одбранбена индустрија.

Но, проблемите околу ФЦАС покажуваат колку е тешко таа амбиција да се спроведе во практика. Аналитичарите од институтот „Carnegie Endowment for International Peace“ предупредуваат дека исходот од ФЦАС би можел долгорочно да ја обликува европската одбранбена соработка. Ако проектот пропадне, владите во иднина би можеле да бидат значително повнимателни при започнување вакви големи мултинационални програми.