[ФОТО] „Pagani“ нуди кралски луксуз, а може и да лета

Точка

22/05/2026

21:19

333

Големина на фонт

а а а

„Pagani“ веќе со децении важи за еден од најексклузивните производители на хиперавтомобили во светот, благодарение на моделите како „Zonda“ и „Huayra“. Но италијанската компанија од Модена денес не се занимава само со автомобили, туку и со луксузни ентериери за приватни авиони и хеликоптери.

Преку својот „lifestyle“ оддел „Pagani Arte“, компанијата изработува целосно персонализирани кабини за приватни авиони, хеликоптери и големи бизнис-авиони.

Притоа се користи препознатливиот дизајнерски стил и истите премиум материјали по кои се познати нивните автомобили.

Својата работа „Pagani“ оваа недела ја претставува на „Catarina Aviation Show“ во Сао Паоло, еден од поважните настани посветени на приватното и бизнис-авијатичарството.


Кожа, карбон и целосно персонализирани кабини

Компанијата истакнува дека благодарение на искуството со луксузни материјали, може целосно да ја прилагоди внатрешноста на авионот според желбите на клиентите.

Во ентериерите доминираат рачно обработена италијанска кожа, алуминиумски детали и елементи од карбонски влакна — заштитен знак на хиперавтомобилите на „Pagani“.

Покрај луксузните авиони, на настанот е изложен и „Pagani Huayra R“, модел наменет исклучиво за возење на тркачка патека.

Од компанијата порачуваат дека, исто како и кај авионите, аеродинамиката е во центарот на развојот и кај овој автомобил, како и дека „секоја линија е обликувана за да го сече воздухот“.


Соработка со „Airbus“

Еден од најпознатите „летечки“ проекти на „Pagani“ настанал уште во 2017 година, во соработка со „Airbus“.

Тогаш беше претставен „Airbus ACJ319 Neo Infinito“, луксузен приватен авион со ентериер потпишан од „Pagani“.

Особено внимание привлекол големиот закривен екран поставен на таванот на кабината, кој во реално време прикажува поглед кон небото над авионот, создавајќи впечаток на огромен панорамски покрив.

На саемот во Бразил, „Pagani“ прикажува и ентериери дизајнирани за приватните авиони „Gulfstream Aerospace G650ER“.

Така, „Pagani“ продолжува да го шири своето работење надвор од автомобилскиот свет, задржувајќи го истиот фокус на ексклузивност, рачна изработка и целосно индивидуален пристап кон секој клиент.