Уште од времето на старите Грци, пред повеќе од 2.000 години, луѓето знаеле дека Земјата е сфера. И покрај тоа, некои сè уште се убедени дека живееме на огромен диск што плови во вселената, познат како „рамна Земја“.
Сега еден од најпознатите интернет „поддржувачи на теоријата за рамна Земја“ конечно се соочил со вистината, која требало да ја научи уште во училиште.
Џеран Кампанела, кој го води популарниот сајт за рамна Земја наречен „Jeransim“, отпатувал на Антарктикот во рамки на патување наречено „Последниот експеримент“. Кампанела лично видел како Сонцето не заоѓа во текот на летото на јужната хемисфера, со што, како што се тврди, разоткрил една од најпознатите теории на заговор.
За време на престојот на Антарктикот, тој пред камерите изјавил: „Понекогаш грешите во животот, и јас мислев дека нема 24-часовно Сонце. Всушност, бев прилично сигурен во тоа. Вистината е – Сонцето кружи околу вас на југ. Што значи тоа? Мора сами да откриете“.
Кампанела му се заблагодарил на организаторот на патувањето, кое чинело 28.000 евра, иако директно не кажал дека Земјата е сфера. Тој се појавил и во документарецот од 2018 година „Зад кривата“ (Behind the Curve), каде што случајно ја побил сопствената теорија со експеримент со светлина.
Во новата снимка, исто така признава дека луѓето би можеле да го сметаат за „измамник“ – некој што учествува во наводно прикривање на фактот дека Земјата е округла.
„Сфаќам дека ќе ме нарекуваат измамник само затоа што го кажав ова, и знаете што, ако си измамник поради искреност, нека биде така. Искрено верував дека нема 24-часовно Сонце – сега искрено верувам дека постои.“
Како што знае секој информиран човек, Антарктикот е континентална ледена маса на јужниот крај на нашата планета. Поради наклонот на Земјата, Сонцето не заоѓа во текот на летото на јужната (или северната) хемисфера – туку едноставно се движи во круг на небото. Тоа значи дека Сонцето останува видливо во текот на целиот ден, дури и на полноќ – феномен познат како „полноќно Сонце“.
Меѓутоа, според „рамноземјашите“ или „флерфовите“, Антарктикот е ледена ѕидина што ги опкружува сите останати континенти и ги задржува светските океани. Според нивните тврдења, Сонцето изгрева и заоѓа секој ден, без разлика дали е лето или не. За да го објаснат денот и ноќта, повеќето приврзаници на теоријата за рамна Земја веруваат дека Сонцето се движи во кругови околу Северниот Пол, додека сончевата светлина делува како рефлектор над Земјата.
Научниците веќе милениуми знаат дека Земјата е сфера поради едноставниот факт дека Сонцето заоѓа во различно време на различни места. Ако Земјата беше рамна, сенките би биле со иста должина, без разлика на локацијата. За астронаутите и роботските сонди, закривеноста на Земјата одамна е јасно видлива.














