Американскиот државен секретар Марко Рубио објасни дека САД не бараат помош од Кина во врска со прашањата поврзани со Иран. И покрај наодите на двете земји за Ормускиот Теснец и нуклеарната закана, Рубио подвлече дека не е планирана соработка во оваа насока и предупреди за обидите на Техеран да влијае врз американската политика.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, порача дека на САД не им е потребна помош од Кина во врска со Иран.
Сепак, тој истакна дека американскиот претседател, Доналд Трамп и кинескиот лидер, Ши Џинпинг, пронашле „заеднички јазик“ околу прашањето за Ормускиот Теснец.
„Не бараме помош од Кина. Нивната помош не ни е потребна“, изјавил Рубио за „Ен-Би-Си“.
Тој додал дека двете страни се согласиле во противењето на развојот на нуклеарно оружје од страна на Иран и дека делат загриженост за тој исклучително важен поморски премин, пишува „Ал Џезира“.
„Кинеската страна порача дека се противи на милитаризацијата на Ормускиот Теснец, како и на воведување наплата за премин, а тоа е и наш став“, изјавил Рубио.
Рубио воедно го предупреди Техеран да не се обидува да ги искористи поделбите во американската политика за да влијае врз преговорите со Вашингтон.
„Претседателот јасно порачува: ако Иранците мислат дека ќе ја искористат нашата внатрешна политика за да го принудат на лош договор, тоа нема да се случи“, изјавил Рубио.







