Предлог-законот за парнична постапка ја помина првата фаза на разгледување во комисиите на Собранието, со цел унапредување на ефикасноста и дигитализацијата на судските процеси, како и зајакнување на правната сигурност и пристапот до правда за граѓаните.
Предлог-законот за парнична постапка помина на прво читање на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија
Заменик на министерот за правда, Ален Деребан образложувајќи го законското решение пред пратениците рече станува збор за еден од клучните реформски закони во областа на правосудството, кој има за цел унапредување на ефикасноста на судските постапки, зајакнување на правната сигурност и зголемување на довербата на граѓаните во судството.
Донесувањето на овој претставува исполнување на важна обврска од Развојната стратегија за правосудството 2024–2028 и од Програмата за работа на Владата за 2025 година.
Од Министерството за правда наведуваат дека новото законско решение предвидува обезбедување поквалитетна правна заштита и поефикасно водење на постапките и унапредување на постапката за вештачење, при што се овозможува судот и по службена должност да изведува вештачење и увид на самото место како доказ. Со ова, велат од Правда, се зајакнува улогата на судот во утврдување на фактичката состојба.
Се воведува електронска достава од двете страни, како значаен чекор кон целосна дигитализација на судските предмети. Дополнително, се воведува можност јавните расправи да се одржуваат по електронски пат, со аудио-визуелна комуникација во реално време. Ова ќе значи помалку одлагања, помали трошоци за странките и поефикасна работа на судовите.
Законот предвидува и зголемување на опфатот и забрзувањето на постапките во споровите од мала вредност. Намалување на висината на глобите за учесниците во постапките, со цел поголема правичност и пропорционалност.
За првпат се воведуваат претставнички тужби за заштита на колективни интереси и права. Се унапредува пристапот до правда за поголеми групи граѓани, а воедно се избегнува големото и нерационално трошење на ресурси.











