Ново смртно трагично насилство во Битола укажува на сериозни проблеми во заштитата од семејно и родово насилство во Македонија. Граѓанските организации повикуваат на итни мерки за превенција, подобрување на институционалната реакција и јасна одговорност за пропустите.
Граѓанските организации, најостро го осудуваат новиот фемицид што утринава се случи во Битола, каде 31-годишна жена беше убиена од нејзиниот сопруг со нож. Според информациите на МВР, сторителот ја нападнал жената со која не живееле заедно, а таа починала на лице место од здобиените повреди, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Ова, потенцираат од таму, не е изолиран случај.
„Ова е уште еден аларм дека Македонија станува сè поопасно место за живеење за жените. Загрижувачкиот пораст на фемициди и случаи на семејно и родово базирано насилство во 2026 година покажува дека институционалната заштита е недоволна, а системот потфрла да ги препознае и спречи ризиците навреме. И покрај постојаните измени на закони, стратегии и политики, во практика нема суштинско подобрување во заштитата на жртвите. Наместо ефикасна превенција, брза реакција и координирана институционална заштита, повторно сведочиме на загубени животи“.
Само во првите месеци од 2026 година, додаваат во соопштението, веќе се изгубени повеќе животи како последица на семејно и родово базирано насилство.
„Ова е алармантен континуитет на насилство врз жените, проследен со слаба проценка на ризик, бавни институционални реакции и култура на неказнивост. Дополнително загрижува и сè поголемиот број случаи на врсничко насилство во училиштата, од кои дел завршија со напади со ладно оружје и ученици во критична здравствена состојба. Насилството прераснува во сериозна општествена епидемија“.
Бараат итна, темелна и транспарентна истрага за случајот во Битола, вклучително и проверка дали претходно имало пријави за насилство или сознанија кај институциите.
„Доколку се утврдат пропусти, бараме индивидуална одговорност и санкции за секое службено лице што не постапило согласно законските обврски.
Бараме и итни финансиски инвестиции во специјализирани сервиси за жртви на насилство низ целата држава, како и зголемување на професионалните ресурси во сите институции, особено во МВР и центрите за социјална работа, кои ќе бидат фокусирани на заштита од насилство. Неопходни се и сериозни инвестиции во образованието и превентивни програми за спречување на насилството кај младите.
Животот на жените и децата не смее да завршува како статистика поради институционално непостапување и системски пропусти“.











