[ВИДЕО] Филипче: Сиљановска призна, ВМРО со години ги лажеше граѓаните за идентитетот и Преспанскиот договор

Макфакс

14/05/2026

14:00

217

Големина на фонт

а а а

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека Гордана Сиљановска Давкова ја признавала вистината за Преспанскиот договор и ја осуди манипулацијата и пропагандата на ВМРО кон граѓаните во однос на националниот идентитет и договорот.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова со изјавата за Преспанскиот договор, призна дека ВМРО со години ги лажеше граѓаните за идентитетот и Преспанскиот договор.

„Гордана Силјановска изјавуваше дека никогаш нема да изговори Северна Македонија. Христијан Мицкоски велеше дека додека е тој во ВМРО, Преспанскиот договор не е завршена работа. И што сега се случи? Претседателката Гордана Сиљановска Давкова јавно изјави дека Преспанскиот договор го потврдува и зачува македонскиот национален идентитет“, рече Филипче.

Тој додаде дека ВМРО со години преку манипулации и пропагандата преку своите медиуми, ги лажеше граѓаните и побара премиерот Мицкоски да се извини за пропагандата што ја спроведуваше години наназад.

„Со многу силна пропаганда, се сервираше, секојдневно, преку целата медиумска и партиска машинерија.Орбановите медиуми, фармата на тролови увезена од сестринската СНС партија од Србија и преку платформата со ботови. Ништо не е продадено, ништо не е загрозено. Барам од Христијан Мицкоски да излезе и да се извини во свое име и во името на неговата партија. Кога умееше да клечи и да моли за да дојде до власт, може и сега да излезе и да се извини за лагите и за пропагандата што ја спроведуваше години наназад“, рече Филипче.

На прес-конференцијата, Филипче порача дека Преспанскиот договор не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува.

„Во Преспанскиот договор нема ништо што го загрозува нашиот национален идентитет, напротив, го зајакнува. И ние во СДСМ сме горди на тоа, а денес треба да бидат горди сите наши граѓани кои досега беа лажени“, рече Филипче.