Руте: Русија е главната закана за НАТО

Макфакс

13/05/2026

19:20

162

Големина на фонт

а а а

На самитот во Букурешт, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, упати сериозни предупредувања за руската закана кон Алијансата и потенцираше потреба од засилени одбранбени мерки. Тој ја истакна промената во НАТО кон поголема европска одговорност и важноста на поддршката на Украина за регионалната безбедност.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес на самитот во Букурешт (Б9) во главниот град на Романија изјави дека Русија останува главна закана за НАТО и ги повика сојузниците да продолжат со зајакнување на одбраната, особено на источното крило на Алијансата.

Тој рече дека НАТО поминува низ промени што би значело дека европските членки преземаат поголема одговорност. „Русија останува директна закана за НАТО. Мораме да направиме сè за да ги заштитиме членовите, а посилна Украина денес значи побезбедна Европа утре“, нагласи генералниот секретар на НАТО, додавајќи дека Украина мора да има доволно ресурси за да остане во борбата, објави
романскиот портал „Digi24“.

Тој изјави дека лидерите на НАТО во Париз веќе разговарале за можната рамка на мировниот договор и оцениле дека „90 до 95 проценти“ од можниот текст веќе е договорен, додека одлуката за евентуален прекин на огнот е на Украина.

Што се однесува до понатамошните чекори во врска со можниот мировен процес, Руте рече дека одговорноста сега е на Москва и дека Русија мора да покаже подготвеност за следните чекори.

„Засега, топката е во дворот на Путин.

Тој мора да го направи следниот потег“, рече генералниот секретар на НАТО.

Зборувајќи за НАТО, Руте изјави дека Алијансата е во процес на трансформација во услови на глобални тензии и дека концептот „НАТО 3.0“ подразбира посилен сојуз со поголемо европско преземање одговорност.

Руте објасни дека „НАТО 3.0“ значи посилен НАТО во соработка со Соединетите Американски Држави, и во нуклеарна и во конвенционална смисла, со поголем придонес од европските сојузници.

„Се согласивме да одиме кон одбранбени алокации од 5 проценти од БДП.

Некои земји веќе го преминаа тој праг, други се приближуваат кон него, но мора да бидеме искрени дека имаме и внатрешни дискусии во рамките на НАТО“, рече Руте, пренесува романскиот „Еуроњуз“.

Тој потврди дека во Вашингтон постојат одредени незадоволства во врска со вклученоста на сојузниците во актуелните кризи, вклучително и конфликтот со Иран, но оцени дека пораките на САД биле јасно разбрани меѓу членовите, пренесува Танјуг.