Хуманитарна изведба на „Торонто експрес“ во МНТ: Театарот игра за СОС Детско село

Макфакс

13/05/2026

10:36

119

Големина на фонт

а а а

Македонскиот народен театар ќе изведе хуманитарна претстава „Торонто експрес“ посветена на поддршка на СОС Детско село, во рамки на иницијативата што ги обединува театрите од Македонија за помош на деца и млади во потреба.

По повод 25-годишнината од СОС Детско село, во соработка со театрите низ Македонија се реализира хуманитарната иницијатива „Театрите за СОС Детско село“, под мотото „Сцената што менува животи“, преку која, секој купен билет претставува директна поддршка за децата и младите.

Македонскиот народен театар со особена чест се приклучува кон оваа значајна акција, а на 19 мај, на малата сцена во МНТ ќе биде изведена претставата „Торонто експрес“, работена според мотивите од збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф, во режија на Јордан Симонов.

Во претставата настапува првенецот на МНТ, Александар Микиќ, актер кој со својот автентичен сценски израз, прецизен хумор и суптилна емотивност создава впечатлива изведба. Како еден од најангажираните актери на актуелниот репертоар на МНТ, Микиќ и овојпат ќе остави препознатлив сценски белег.

„Торонто експрес“ не е само театарска вечер, туку и чин на солидарност и заедништво. Со своето присуство, публиката не ја поддржува само уметноста, туку станува дел од иницијатива која создава грижа, сигурност и подобра иднина за децата и младите на кои им е најпотребна поддршка.

Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата на МНТ, www.mnt.mk, како и на билетарницата на театарот.