Тимчо Муцунски, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, учествуваше на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, каде истакна важноста од унапредување на процесот на проширување и интеграцијата на Западен Балкан. Тој подвлече дека Северна Македонија е целосно посветена на реформите и усогласена со надворешната политика на ЕУ. На состанокот се разговараше за јакнење на соработката во сферите на безбедност, економија, енергетика и дигитализација, со посебен фокус на одбраната од геополитички предизвици и регионалните импликации од руската агресија врз Украина. Муцунски нагласи потребата од повлекување од билатералниот пристап кон пристапните критериуми и стратешка логика во проширувањето на Унијата.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, кој го водеше високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Во изјава пред почетокот на состанокот, Муцунски подвлече дека проширувањето претставува неопходен процес како за Унијата, така и за земјите кандидати, истакнувајќи дека Западен Балкан треба да престане да биде сива зона и да се интегрира како група држави со јасен и кредибилен пат кон членство.
Министерот нагласи дека државата има остварено значајни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, особено во изминатиот период, потенцирајќи дека Северна Македонија е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што ја потврдува не само посветеноста кон реформите, туку и стратешката определба за интеграција во Унијата.
„Пораката која ја испраќаме до земјите членки е комплексна. Неопходно е да се избегне билатералниот пристап во поставувањето на пристапните критериуми, како и да се унапреди соработката во широки области надвор од самиот процес на проширување, особено во сферите на безбедноста и одбраната, економската соработка, енергетската безбедност, обезбедување безбедност на храната и дигиталната трансформација“, истакна Муцунски.
Дискусиите на Советот вклучуваа и теми за односите на ЕУ со Западен Балкан, со посебен акцент на актуелните надворешно-политички и безбедносни предизвици, унапредување на соработката во надворешната и безбедносната политика, руската агресија врз Украина, како и регионалните последици од глобалните случувања.
Во своето обраќање, тој нагласи силната определба на државата да остане доверлив партнер на ЕУ во справувањето со тековните геополитички ризици, истовремено подвлекувајќи ја континуираната усогласеност со политиките на Унијата и желбата за продлабочување на соработката.
Министерот наведе и важноста од вклопување на регионот во иницијативите на ЕУ за јакнење на колективниот капацитет и отпорноста кон надворешни безбедносни закани.
Посебно внимание во дебатата беше посветено на процесот на проширување на Унијата во актуелниот геополитички контекст, нагласувајќи дека тоа претставува клучна стратешка инвестиција во долгорочната стабилност и сигурност на регионот и Европа.











