Грешките што родителите ги прават спречуваат малите деца да израснат во самосвесни, зрели и успешни луѓе.
Секој родител за своето дете го посакува само најдоброто, но често несвесно наметнува негативни влијанија кои ги спречуваат нивните малечки да израснат во успешни луѓе.
Ако постојано му зборувате на вашето дете да се угледа на некој што е повешт во одредени работи од него, ќе почне да се чувствува безвредно. И самото ќе си создаде слика за себе дека не е доволно способно да направи нешто, па ќе ги потисне сите свои таленти и интереси во себе. Наместо да се развие во тинејџер кој е свесен за своите вредности и можности, ќе стане инфериорна личност и ќе смета дека сите други се подобри од него.

Децата критиките од мама и тато ги доживуваат многу лично. Може да помислат дека нешто не е во ред со нив, особено ако постојано им се укажува дека не се доволно добри во споредба со другите деца.
Кај малечките може да се забележи дека се чувствуваат уморно, исцрпено и вознемирено, и сето тоа поради емоциите што се будат кај нив од споредувањето со другите. Се намалува мотивацијата да направат било што и не наоѓаат задоволство во ништо. А нивото на стрес само расте, бидејќи сакаат да ги исполнат вашите очекувања.

Најлошо за правилниот развој на детето е да го одвоите од неговата автентичност и да го терате да биде онаа верзија од себе што им се допаѓа на родителите, бидејќи на тој начин тие „лекуваат комплекси“ или преку своите деца сакаат да го остварат сето она што самите не успеале.
Отфрлањето во толку нежни години, кое можеби и несвесно го правите, е многу проблематично за менталното здравје на малечките. Добро запомнете, личност која е така воспитувана никогаш нема да може да биде среќна.