По години застој, одложувања и нерешени административни пречки, мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, влегува во финална фаза пред негово целосно ставање во функција, соопштија од Општина Аеродром.
„Завршени се процесите на експропријација, кои претставуваа клучна пречка за активирање на овој значаен инфраструктурен проект. Во тек се подготвителни активности, административна постапка и процес на преселување на жителите од објектите на трасата, по што се очекува во наредните 60 дена да се воспостави целосен и функционален сообраќаен проток“, се наведува во соопштението.
Со ставањето во употреба, додаваат од таму, мостот ќе овозможи значително подобрување на сообраќајната поврзаност меѓу двата дела на градот, намалување на метежот и олеснување на секојдневието на граѓаните.
„Овој проект е дел од пошироките напори за деблокирање на клучни инфраструктурни зафати во Скопје, меѓу кои се и проектите „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и булевар „Македонија““, велат од Општината.







