[ВИДЕО] „Дали документите за екстрадицијата на Груевски се испратени или не?“ – СДСМ со прашање до Филков

Макфакс

05/05/2026

12:43

134

Големина на фонт

а а а

СДСМ денеска обвини дека Министерството за правда не дава јасен одговор дали ги испратило документите за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски и праша дали постапката е „институционално заглавена или намерно блокирана“.

На прес-конференција, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, рече дека наместо конкретен одговор, Министерството за правда се повикува на „комплетирање документација“.

„Прашањето е едноставно: дали ги испратија документите за екстрадиција на Никола Груевски или не? Еден месец не можат да ја комплетираат документацијата? Дали се неспособни или не сакаат?“, праша Димитријевиќ.

Тој ја спореди постапката со реакцијата на Полска, тврдејќи дека таму документите биле завршени за еден ден, и обвини дека Владата предводена од Христијан Мицкоски не презема ништо за враќање на Груевски.

„Наместо институционална постапка за екстрадиција, гледаме институционална заштита на криминалецот Груевски“, изјави Димитријевиќ.

Од СДСМ побараа Министерството за правда да одговори зошто документите, како што велат, сè уште не се испратени.