Американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно го вовлече британскиот крал Чарлс III во дискусијата за Иран, изјавувајќи дека верува оти монархот веројатно би им помогнал на САД во евентуална воена операција.
Трамп тоа го изјави во Овалната соба по државната посета на кралот, одговарајќи на прашање за говорот што Чарлс го одржа во Конгресот, во кој индиректно упати критики кон извршната власт во САД, пишува „Скај њуз“.
„Кралот е фантастичен. Поминавме многу време заедно и многу разговаравме, вклучително и за ова. Тој ја сака својата земја, одличен крал е и голем пријател“, рече Трамп.
„Мислам дека, ако него го прашате, веројатно би ни помогнал со Иран.“
Трамп потсети и на својот говор за време на државничката вечера во Белата куќа, кога изјави дека Чарлс „се согласува со него, дури и повеќе од него самиот“, дека Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје.
Како одговор, портпарол на Бакингемската палата изјави: „Кралот, секако, е свесен за долгогодишниот и добро познат став на својата влада за спречување на ширењето на нуклеарното оружје.“
Трамп во Белата куќа го коментираше и британскиот премиер Кир Стармер, велејќи дека неговите добри односи со кралот веројатно помагаат во комуникацијата со британската влада.
Односите меѓу Трамп и Стармер, според медиумите, се влошиле во последните месеци поради незадоволството на американскиот претседател од британската воена поддршка во конфликтот со Иран







