Поради отсуството на СДСМ, беше одложена четвртата седница на Работната група за реформи во изборното законодавство.
Министерот за правда, Игор Филков, информираше дека политичките партии доставиле дополнителни забелешки и коментари на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
„Но, она што денес изостана е токму она што е најпотребно – политичка зрелост. Не може да зборуваме за фер и демократски избори, а истовремено да не учествуваме во процесот кој треба да ги обезбеди тие стандарди. Демократијата подразбира дијалог, компромис и заедничка одговорност. Денеска имавме можност да го видиме вистинското лице на за жал, изгубената политичка партија која што со низа погрешни потези водени од тесногради партиски интереси свесно ја блокира реформската агенда и го кочи европскиот напредок на државата. СДСМ избраа да не бидат дел од процесот во момент кога се носат суштински одлуки. Ова е доказ, дека нивните заложби за европска иднина се само декларативни, а реалноста е нешто сосема спротивно “, изјави министерот за правда Игор Филков.
Тој посочи дека ова не е првпат, СДСМ вака да се однесува. „Во Собранието го блокираа и клучниот реформски Закон за Јавното обвинителство, иако дел од нивните амандмани беа прифатени“, рече тој.
Со ваквите нивни, додаде Филков, би рекол крајно срамни и неодговорни политики, реформите се држат во заложништво на тесно партиските интереси, а европската иднина на нашите граѓани во неизвесност.
„Со досегашното неодговорно однесување на СДСМ и неучеството во работната група за реформи во изборното законодавство директно се загрозени 4. 281. 623 евра. А, со блокадата на Законот за јавното обвинителство во Собранието, дополнително, 6.422.623 евра. Пари кои што и те како, може да го олеснат реформскиот процес и да ги подобрат состојбите во правосудството за секој наш граѓанин”,рече Филков.
Тој порача дека Владата продолжува посветено да работи на реформите во државата се до крајната цел – обезбедување стабилност, просперитет и владеење на правото.











