Алиу: Четири болници добија современа медицинска опрема вредна половина милион долари

Макфакс

29/04/2026

11:35

111

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска изјави дека е обезбедена современа медицинска опрема вредна половина милион долари за четири болници – во Гостивар, Велес, Струмица и Струга, во партнерство со Проект ХОПЕ.

„Денеска во Општата болница во Гостивар присуствуваме на настан по повод обезбедена медицинска опрема за четири регионални болници, опрема којашто има многу конкретна и човечка вредност, а тоа е зајакнување на грижата за мајките, новороденчињата и најранливите пациенти во регионалните болници. Во партнерство со Проект ХОПЕ, преку проектот Перимак, обезбедена е современа медицинска опрема во вкупна вредност од околу половина милион американски долари, наменета за четири регионални болници – Гостивар, Велес, Струмица и Струга. Само за Општата болница во Гостивар вредноста на опремата изнесува околу 130 илјади американски долари“, изјави Алиу во рамки на посетата на Општата болница Гостивар.

Тој посочи дека станува збор за ехо апарати, инкубатори, вормери, монитори за пациенти и новороденчиња, ЦТГ апарати, инфузиони пумпи, родилни кревети, апаратура за фототерапија и друга медицинска опрема, обезбедена како резултат на долгорочното партнерство во проектот Перимак.

Во рамки на оваа соработка досега е обезбедена медицинска опрема во вредност над 3,5 милиони американски долари и се обучени повеќе од 1.000 здравствени работници.

„Како Министерство за здравство, нашата определба е регионалните болници да бидат силни, функционални и добро опремени. Затоа, секоја ваква поддршка ја гледаме како дел од пошироката политика за подостапно и поквалитетно здравство во целата држава“, додаде министерот Алиу кој упати благодарност до Проект ХОПЕ за континуираната поддршка.