Филипче, гордиот носител на златна виза нема право да зборува за патриотизам, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

24/04/2026

14:04

201

Големина на фонт

а а а

Филипче конечно си ја кажа маката. Судии и обвинители ќе испорачуваат правда, а пречка за ЕУ не е Бугарија туку Мицкоски. Вакви тези може да каже само исплашен бугарски привезок чии храброст, морал и пари се во фиоките на бугарското разузнавање, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Гордите носители на златни визи од Дубаи последни се што имаат право да зборуваат за било што поврзано со државни интереси. Ова што денес го прави СДС не е политика. Ова е паника! Старата пракса продолжува. Секогаш кога немаат што да понудат, излегуваат со конструкции и напади што се враќаат како бумеранг. Колку повеќе викаат, толку поочигледно е што кријат“.

СДС, додаваат од владејачката партија, е заложник на Зоран Заев и на неговите бизниси, договори и интереси. И токму затоа, како што велат, секоја нивна изјава изгледа како обид да се одбрани нешто што одамна не може да се одбрани.

„Ова веќе не е ни сериозно. Станува и смешно, и трагично, и жално во исто време. Партија што до вчера беше на власт, денес не може да се пронајде ни во опозиција. Реактивна, нервозна, без идеја и без тежина. Тонењето продолжува. И тоа со забрзано темпо.

СДС полека, но сигурно, станува ирелевантен фактор, дури и таму каде што треба да биде најгласен: во опозицијата.

Што се однесува до новиот директор на МРТВ, тоа е прашање за Собранието на МРТВ, кое избира врз основа на критериуми кои се законски утврдени, а кандидатот е најдоброто решение за кое Собранието одлучило дека со својата програма и искуство кое е богато може да придонесе за развојот на МРТВ“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа што одредени кадри не му се допаѓаат на двоецот Заев-Филипче е најголемиот комплимент што може да постои, посебно ако се земе предвид што Заев и Филипче уништија, опљачкаа, разрушија и предадоа, и сигурни сме дека ќе дадат резултати во работењето.