Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека договор со Иран ќе биде постигнат само кога ќе биде „соодветен и добар“ за САД.
Во објава на платформата „Трут Соушал“, Трамп ги критикуваше американските медиуми, кои, според него, создаваат впечаток дека тој брза да го заврши конфликтот, истакнувајќи дека „има цело време на светот, но Иран нема – часовникот отчукува“.
Тој ги повтори тврдењата за воени успеси на САД, наведувајќи дека „иранската морнарица лежи на дното на морето, нивното воздухопловство е уништено, нивните противвоздушни и радарски системи се исчезнати, нивните лидери повеќе не се со нас, блокадата е цврста и непробојна и отсега може да биде само полошо – времето не е на нивна страна“.
„Договорот ќе биде постигнат само кога ќе биде соодветен и добар за САД, нашите сојузници и, всушност, остатокот од светот“, заклучи Трамп.







