Интелигентното менување брзини штеди многу гориво: Намалете ја потрошувачката без да завршите кај механичар

Точка

22/04/2026

13:39

573

Големина на фонт

а а а

Ако постојано го „гушите“ автомобилот во ниски вртежи мислејќи дека така штедите, всушност постепено го оштетувате моторот и менувачот. Дознајте како да ги промените навиките, да заштедите гориво и да избегнете скапи поправки.

Соодветната техника на возење може значително да ја намали потрошувачката на гориво, и кај бензинските автомобили и кај дизелите. Експертите истакнуваат дека возачот има најголемо влијание врз тоа колку троши неговото возило. Сепак, не треба слепо да се применуваат „докажани“ методи за заштеда, бидејќи тоа може да заврши со поправка на моторот и менувачот – а тогаш наместо заштеда следуваат трошоци. Еве како безбедно да заштедите гориво.

Овде главно станува збор за автомобили со мануелен менувач. Кај нив, за потрошувачката не одлучуваат само брзината и динамиката на возење, туку и тоа како и кога менувате брзини.

Универзалното правило гласи – колку се пониски вртежите на моторот, толку е помала потрошувачката на гориво. Ако при иста брзина, на пример 50 km/h, моторот работи на 4.000 или на 2.000 вртежи во минута, моменталната потрошувачка ќе биде преполовена. За да ја намалите потрошувачката, доволно е наместо да го држите моторот во високи вртежи, да префрлите во повисок степен на пренос, а потоа, кога брзината малку ќе се зголеми, повторно да префрлите во повисока брзина.

Сепак, треба да се знае дека постои граница при возење со ниски вртежи која не треба да се надминува. Кај многу автомобили оптималниот опсег на вртежи е 1.500 – 2.500 вртежи во минута.


Како да забрзувате и забавувате за да штедите гориво?

Кога станува збор за оптимално додавање гас, доколку условите на патот не бараат поинакво однесување, не треба да се користат повеќе од 60 – 70% од перформансите на моторот. Идејата е да не се забрзува премногу бавно, бидејќи тогаш подолго се вози во високи вртежи, но ни премногу нагло, бидејќи така непотребно се оптоварува моторот. Брзините при забрзување треба да се менуваат така што по префрлувањето вртежите да не паѓаат премногу ниско, на пример на 1.200 врт./мин, бидејќи посилно додавање гас во таква ситуација предизвикува вибрации поради преоптоварување на погонскиот систем.

Од друга страна, при забавување може без страв да му дозволите на моторот подолго да работи во брзина. Кога не додавате гас, пад на вртежите дури и под 1.000 вртежи е безбеден. Но, појава на вибрации значи дека сте претерале.

Кога забавувате со кочење со мотор, кај повеќето автомобили потрошувачката на гориво е нула, бидејќи тргањето на ногата од педалата за гас го прекинува доводот на гориво. Ако, пак, забавувате со исфрлање во „лер“ и стигнувате до семафор во лер, потрошувачката во тој момент изнесува околу 1 литар на час работа на мотор без оптоварување.


Која тактика овозможува помала потрошувачка во град?

Експертите за економично возење нагласуваат дека благо кочење и рано тргање на ногата од гас пред семафор овозможуваат најдобро искористување на енергијата на движење. Наместо постојано да кочите и забрзувате, подобро е да возите течно. Секое кочење е мерливa загуба, а секое забрзување кое завршува со нагло кочење е двојна загуба.

Правилото дека секое кочење значи губење енергија важи и за хибридите. Системите за регенеративно кочење навистина ја намалуваат потрошувачката, но нивната ефикасност не е 100%. Ако автомобилот може слободно да се движи по инерција, тоа значи помала потрошувачка и реални заштеди.

Уште еден фактор што влијае на потрошувачката е масата на возилото. Само дополнителни 50 килограми можат да ја зголемат потрошувачката за 0,2 – 0,4 литри на 100 km. Затоа е важно редовно да ги отстранувате непотребните предмети од автомобилот, како и неискористените кутии или носачи за велосипеди.