Социјалната мрежа „X“ суспендираше повеќе профили на корисници кои се противат на војната против Иран

Точка

22/04/2026

10:16

257

Големина на фонт

а а а

Платформата „X“ суспендирала повеќе профили во рамки на акција насочена кон корисници кои се противат на американско-израелските воени активности против Иран, пренесуваат иранските медиуми.

Најновиот суспендиран профил му припаѓа на Али Ализадах, ирански новинар кој има и поткаст со седиште во Британија, а на платформата бил активен под корисничкото име@Jedaa, пренесува иранската „Press TV“.

Според медиумските извештаи, профилот бил отстранет без претходно предупредување или објаснување.


Претходно, „X“ презела слични мерки и против други ирански корисници, вклучувајќи го активистот на социјалните мрежи Арја (@AryJeay) и коментаторот за меѓународни односи и ТВ водител Мехди Канализаде (@Khanalizadeh_IR), чии профили исто така биле отстранети без најава.

Сопственикот на платформата, Илон Маск, како и самата компанија, се соочија со критики поради, како што се наведува, замолчување на ирански и проруски ориентирани гласови кои се противат на западната надворешна политика и воените конфликти, наведува телевизијата „Press“.


Суспендираните профили биле активни во критиките на неодамнешните конфликти во Иран и Либан, како и на случувањата во Газа и на окупираниот Западен Брег.

Платформата „X“ засега не се огласила во врска со суспензиите, кои повторно ја отворија дебатата за слободата на говор на мрежата што Маск претходно ја нарекуваше „глобален јавен плоштад“.