Исмаил: Ако државата има „обезбедено“ пари за лекување, зошто граѓаните молат за донации

Макфакс

16/04/2026

09:40

194

Големина на фонт

а а а

Големиот број повици од граѓани за собирање донации за лекување во странство повторно го отвора прашањето за тоа дали државата навистина обезбедува средства за ваквите случаи или е тоа само формално, на хартија и кога треба да собираат политички поени, велат од Левица.

По ова прашање реагира и пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, кој преку социјалните мережи се огласи и потсети дека за време на буџетската расправа во Собранието, при носењето на Буџетот за 2026 година, поднел амандман за формирање на посебен фонд за лекување во странство, но истиот бил одбиен. Според Исмаил, образложението за одбивање било дека „веќе има обезбедени средства за таа намена“, тврдење, кое како што вели, денешната состојба, со десетици повици во краток период, го демантира.

„Амандманот беше одбиен. Не затоа што нема потреба. Туку затоа што заменик-министерот тврдеше дека ’веќе има обезбедени средства за таа намена’. Но, реалноста денес го демантира тоа тврдење“, напиша Исмаил.

Тој посочи дека граѓаните и натаму се принудени сами да собираат донации за лекување во странство, што според него, не е исклучок туку правило.

Исмаил посочи дека прашањето повеќе не е политичко туку институционално и праша: „Каде се тие ’обезбедени’ средства? Ако постојат, зошто граѓаните молат за донации?“.

Во објавата тој ја проблематизира и одговорноста на министерката за финансии, посочувајќи дека останува нејасно дали таа избегнала директно да одговори на ова прашање.

„Кога од говорницата се тврди едно, а реалноста покажува сосема друго – тоа веќе не е прашање на различна проценка ами свесна намера за доведување на јавноста во заблуда“, посочува Исмаил и додава дека во вакви околности прашањето за одговорност станува неизбежно.

„Кога институциите велат ’има пари’, а граѓаните собираат донации тогаш проблемот веќе не е само во ’перцепцијата’, туку и во одговорноста што некој мора да ја понесе“, завршува Исмаил.