Првите резултати од изборите во Унгарија се очекуваат вечерва од 20 часот, кога Националната изборна канцеларија ќе почне да ги објавува на официјалната веб-страница, со ажурирања на секои десет минути.
Податоците ќе пристигнуваат по одреден редослед, прво ќе се обработуваат гласовите за поединечните кандидати, потоа за националните партиски листи и конечно за листите на националните малцинства.
Обработката на речиси 232 илјади гласови примени по пошта ќе започне веќе во 19 часот, така што нивните прелиминарни резултати ќе бидат достапни порано.
Изборните комисии веднаш ги проследуваат резултатите до локалните канцеларии, поради што прво ќе бидат објавени податоците по изборни единици.
Конечните резултати по изборни единици треба да се утврдат најдоцна до следната сабота, откако ќе бидат обработени и гласовите на гласачите кои гласале надвор од нивното место на живеење.








