Бугарија го прославува првиот Велигден во еврозоната, Романија одбележува никогаш поскап празник, а како е во Македонија и другите околни земји?
Земјите од регионот се подготвуваат за поскап Велигден од вообичаено, бидејќи цените на речиси сите основни намирници за празничната трпеза пораснале во однос на 2025 година, покажува истражувањето на бугарскиот Информациски систем на земјоделскиот пазар (SAPI). Сличен тренд е забележан и во самата Бугарија.
Извештајот на регионалните канцеларии кои ги следат потрошувачките цени во рамки на SAPI покажал забрзан раст на цените на традиционалните велигденски производи пред празниците (заклучно со 1 април).
Бугарија: Прв Велигден во еврозоната и тоа со инфлација
Како што пренесува агенцијата BTA, во контекст на годишна инфлација од 3,3% и претстојниот прв Велигден во еврозоната, бугарските потрошувачи се соочуваат со празнична трпеза која е за 15 до 20% поскапа отколку во 2025 година.
Просечната цена на јагнешкото месо на национално ниво изнесува 16,10 евра по килограм, јагнешки бут во просек 16,65 евра, а плешка 15,71 евро по килограм, со значајни регионални разлики. Во однос на минатогодишната велигденска потрошувачка кошничка (11–19 април 2025), кога јагнешкото месо чинеше меѓу 13 и 14 евра по килограм, поскапувањето изнесува околу 15%. Пред Велигден е забележан раст на цените на зеленчукот од пластеници.

Јајцата од класа М во Бугарија во просек чинат 0,29 евра по парче, а класа Л 0,31 евро. Органските јајца од класа М достигнуваат цена од 0,53 евра по парче, покажува извештајот.
Грција: Сè поскапе, па и велигденскиот колач
Традиционалната велигденска трпеза во Грција оваа година е значително поскапа, според податоците од истражувањето на Генералната федерација на потрошувачи на Грција (INKA). Истражувањето на цените во неделата пред Велигден покажува трошок од 412 евра за оброк за шест до осум лица, што е зголемување од 14 до 20% во однос на 2025 година, кога вкупната сума изнесувала 361,95 евра, односно околу 50 евра повеќе.
Според податоците, килограм јагнешко месо чини меѓу 14 и 16 евра во внатрешноста, додека во Атина или Солун цената може да достигне и 18 евра или повеќе. Традиционалното јадење кукурек (од јагнешки или јарешки изнутрици) чини околу 24 евра по килограм.
Цени на зеленчук: зелена салата околу 1 евро по главица, домат 3,20 евра по килограм, краставица 0,90 евра, млад кромид 0,95 евра. Цацики чини 4,90 евра по килограм, фета сирење 14 евра, а 20 големи јајца за бојадисување 15,60 евра. Лебот чини 2,40 евра. Поскапел и традиционалниот велигденски колач (козунак), кој достигнува и до 22 евра по килограм.

Романија: Цените на јајцата пораснале за 14 проценти
Романците ќе се соочат со најскапиот Велигден досега, според проценките на локалните економисти. Главни причини се високата инфлација, растот на цените на традиционалните производи и поскапото гориво поради кризата на Блискиот Исток.
Цените на јајцата пораснале за 14% во однос на минатата година. Во големите трговски синџири едно јајце чини околу 1 леј (0,20 евра), додека пакување од 10 парчиња чини меѓу 12 и 23 леи (2,35–4,51 евра). Обоените јајца од увоз (од Австрија и Холандија) се поскапи, меѓу 22 и 26 леи (4,32–5,10 евра).
Цените на домашно произведените велигденски колачи варираат: од 13 леи (2,55 евра) до 41 леј (8,04 евра). Во пекарници и слаткарници цените на слатките печива се движат од 40 до 120 леи (7,85–23,54 евра).
Најскапата ставка останува јагнешкото месо: меѓу 55 и 65 леи (10,79–12,75 евра) по килограм. Зеленчукот е релативно достапен: зелена салата 2,49 леи, млад кромид 1,49 леи, ротквици 1,69 леи. Романците за Велигден ќе потрошат меѓу 500 и 1.000 леи (98–196 евра), а 40% очекуваат поголеми трошоци отколку во 2025 година.

Македонија: Колку чини јагнешкото месо?
Јагнешкото месо во продавниците се продава по цена меѓу 700 и 1.000 денари (11–16 евра) по килограм, иако откупната цена за фармерите изнесува околу 270–280 денари по килограм жива мера. Поголемиот дел од производството се извезува, минатата година тоа биле речиси 100.000 јагниња, најмногу во Хрватска, Бугарија и Грција.
Јајцата чинат меѓу 11 и 13 денари (0,18–0,21 евра), додека домашните на пазарите достигнуваат 20 денари (0,32 евра). Доматот чини меѓу 180 и 300 денари (3–5 евра), краставицата од 80 денари (1,30 евра) во маркетите (двојно поскапа на пазар), зелената салата 50–70 денари (0,80–1,10 евра), а јагодите околу 300 денари (5 евра) по килограм.
Колку чини велигденската трпеза во Србија?
Како што пренесува бугарската новинска агенција, во Србија за велигденскиот ручек традиционално се подготвува печено прасе, за разлика од Бугарија каде што вообичаено е јагнешко месо. Цената на свинското месо се движи меѓу 600 и 850 динари (5,10–7,20 евра) по килограм, додека јагнешкото месо (по килограм жива мера) чини меѓу 420 и 500 динари (3,60–4,30 евра), во зависност од регионот.

Јајцата во супермаркетите чинат околу 13 динари (0,11 евра) по парче, додека на пазар можат да достигнат и 30 динари (0,26 евра). Боите и украсите за јајца се дополнителен трошок, од 80 до 200 динари (0,70–1,70 евра), додека комплет може да чини и до 3.000 динари (25,60 евра). На Велики петок во Србија традиционално се јаде риба.
На пазарите свеж ослич и скуша чинат околу 900 динари (7,70 евра) по килограм, замрзната скуша околу 450 динари (3,80 евра). Шаран чини околу 1.300 динари (11,10 евра), сом околу 1.800 динари (15,40 евра), додека поскапите видови како лосос и пастрмка достигнуваат меѓу 1.200 и 2.000 динари (10,20–17,10 евра) по килограм, во зависност од потеклото и начинот на преработка.














