Суплементи што можат да го нарушат сонот и да предизвикаат несоница

Точка

09/04/2026

23:01

364

Големина на фонт

а а а

Употребата на суплементи често има непредвидени последици врз квалитетот на сонот. Иако се корисни за здравјето, одредени состојки можат да ги нарушат природните циклуси во организмот.

Многу додатоци во исхраната директно влијаат врз нивото на хормони одговорни за одмор, како што е мелатонинот. Проблемот е што етикетите често не го откриваат целосниот состав или точните дози на стимуланси. Затоа, правилното информирање за времето на земање и составот на препаратите е единствениот начин да се обезбеди мирен сон без штетни последици.


Суплементи што содржат кофеин

Некои суплементи што се земаат пред тренинг, како и оние што се продаваат за слабеење или зголемување на енергијата, содржат кофеин. Како резултат на тоа, можат да го нарушат сонот ако се земаат блиску до времето за спиење.

Додека некои суплементи го наведуваат кофеинот како состојка, многу не ја откриваат неговата количина. Други, пак, можат да содржат кофеин без тоа јасно да биде означено на етикетата.

„Потрошувачите често имаат многу тешка задача, ако не и невозможна, да утврдат колку кофеин има во производот само со гледање на етикетата – изјави д-р Питер А. Коен, вонреден професор по медицина на Медицинскиот факултет на Харвард и лекар по интерна медицина во "Cambridge Health Alliance".


Витамин Б12

Витаминот Б12 е неопходен за функцијата на нервите, формирањето на црвените крвни зрнца и производството на енергија. Тој има улога во регулирањето на мелатонинот – хормонот кој учествува во циклусот на спиење и будење, што може да помогне во поддршка на сонот и дневното функционирање кај лица со недостаток.

Односот помеѓу витаминот Б12 и сонот изгледа сложен, со одредени докази што укажуваат дека може дури и да го намали ноќниот сон.

На пример, една мала студија на здрави возрасни лица покажала дека витаминот Б12 влијае врз нивото на мелатонин и дека една негова форма е поврзана со пократок сон, иако не и со полош вкупен квалитет на сонот.


Сепак, дали суплементите навистина го нарушуваат сонот и зошто би го правеле тоа, останува нејасно.

„Генерално, истражувањата се неусогласени. Потребни се дополнителни крос-секциски студии за целосно да се разбере врската помеѓу сонот, циркадниот ритам и витаминот Б12 – изјави за „Health“ д-р Фарија Абаси-Фејнберг, член на управниот одбор на Американската академија за медицина на спиење.


Мултивитамини

Иако не постојат цврсти докази дека мултивитамините го нарушуваат сонот, постојат неколку причини зошто би можеле да имаат таков ефект.

Многу мултивитамини содржат витамин Б12, хранлива материја што се поврзува со нарушувања на сонот, а една студија покажала дека луѓето кои земале мултивитамини пријавиле повисока стапка на несоница и почести будења во текот на ноќта во споредба со оние кои не ги користеле.

Сепак, Абаси-Фејнберг предупредува дека овие резултати не треба да се толкуваат како конечни.

“Важно е да се запамети дека една студија не е доказ за дефинитивен тренд или причинско-последична врска. Истражувањето имаше и значајни ограничувања, вклучително и релативно мал примерок, нерандомизиран дизајн и потпирање на податоци за спиење кои испитаниците сами ги пријавиле“, изјави таа.