Организаторите на фестивалот „Егзит“ (Exit) соопштија дека фестивалот го започнува новото поглавје на својот развој, а Црна Гора ќе биде една од клучните дестинации ова лето.
„Во рамките на постигнатиот договор со Владата на Црна Гора за развој на фестивалскиот туризам и секторот на креативни индустрии, ќе се спроведе проектот EXIT 2 Montenegro, кој предвидува организација на два големи музички настани, како и голем број помали програми низ целата земја. Настаните ќе бидат распоредени во првата половина на јули и крајот на август, додека точните датуми и локации ќе бидат познати наскоро“, се наведува во соопштението.
Се додава дека новите проекти во Црна Гора претставуваат важен чекор во понатамошниот развој на Егзит, кој, и покрај предизвиците и притисоците со кои се соочи, продолжува да ја шири својата фестивалска енергија низ целиот свет и да ја поврзува публиката преку музиката и заедничките вредности што ги негува.
„Се очекува вкупната посетеност да надмине 200.000 луѓе, а се проценува дека вкупниот економски придонес во туристичката економија на Црна Гора би можел да биде повеќе од 40 милиони евра“, се наведува во соопштението.

По заминувањето од Србија, Егзит претходно најави светска турнеја на атрактивни локации ширум светот, вклучувајќи фестивал пред Големите пирамиди во Гиза, Си Стар во Умаг и Спирал фестивал на Малта. Новите дестинации низ светот каде што Егзит ќе организира настани ќе бидат откриени наскоро, додека веќе е познато дека врвот на турнејата и најголемите настани ќе се реализираат во Црна Гора.
„Посебно внимание предизвикува и очекуваното враќање на Си Денс фестивалот во Будва, по тригодишна пауза. Овој фестивал ја позиционираше Црна Гора на европската фестивалска мапа, носејќи некои од најголемите светски музички имиња, а веќе по првото издание ја освои наградата за најдобар европски фестивал во категоријата до 40.000 посетители дневно“, се додава во соопштението.
Егзит се смета за еден од најпрепознатливите музички фестивали во светот. Во текот на претходните децении, на Србија ѝ донесе три награди за најдобар голем европски фестивал на најпрестижниот европски фестивалски натпревар, како и над 300 милиони евра туристички приходи.








