Мицкоски: Нема да толерираме институти што го „осакатуваат“ образовниот систем

Макфакс

05/04/2026

14:37

331

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека сите институти кои генерираат квалитет во високото образование треба да бидат спокојни, но нагласи дека државата повеќе нема да ги толерира оние што го „осакатуваат“ образовниот систем.

Вчера министерката за образование и наука, Весна Јаневска, обелодени пример за приватен институт кој бил регистриран во задна просторија на обложувалница. При увидот на терен, комисијата на МОН затекнала само два душека, две столчиња и двајца вработени.

„Нив не може да ги толерираме бидејќи мора еднаш во високото образование да почнеме да генерираме квалитет, а не квантитет. Нашата цел не е да се затвори никој, нашата цел е да престанат со работа оние што генерираат неквалитет односно тие што буквално го осакатуваат високото образование“, вели премиерот.

Од утре во владина процедура влегува пакетот од три закони за високо образование. Мицкоски нагласи дека Владата е подготвена да прифати издржани аргументи.

„Од моментот кога ќе влезат во владина процедура до нивно усвојување имаме недели и месеци за работа и се разбира дека доколку имаме такви институции што се чувствуваат обесправени, а генерираат квалитет тогаш, врувајте, лично ќе застанам во нивна одбрана и лично на владина седница ќе побарам измена на тој член“, рече Мицкоски.