Ноќна драма покрај Сава: Околу 30 лица извлечени од мочуриште, спасувачката акција сè уште трае

Макфакс

01/04/2026

12:39

226

Големина на фонт

а а а

Рано утринава, Жупанискиот центар 112 Вуковар добил известување од оперативно-комуникацискиот центар на вуковарско-сремската полиција за група од околу 30 лица заглавени на подрачјето кај Штитар, помеѓу коритото на реката Сава и насипот кај Бабина Греда.

Веднаш била започната итна акција за пребарување и спасување, а поради непристапниот терен за чамци, биле ангажирани и силите на системот за цивилна заштита. На терен излегле припадници на Државната интервентна единица на цивилната заштита од Осиек, членови на Хрватската горска служба за спасување (ХГСС), како и пожарникари со соодветна опрема. Тимови на Црвениот крст обезбедиле услови за згрижување на спасените лица.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ на седница на Владата потврдил дека станува збор за околу 30 мигранти кои налетале на мочуришно подрачје на тешко пристапен терен.

Спасувачките тимови користеле амфибиско возило прилагодено за движење по мочуришта, како и командно-комуникациско возило за координација на акцијата. На местото се присутни и полициски службеници и екипи на Итната медицинска помош од Вуковарско-сремската жупанија. Вклучен е и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи за термално пребарување и евентуално извлекување со витло.

Во акцијата учествуваат околу 120 припадници на оперативните служби, Итната помош и полицијата. Досега се спасени 30 лица, кои биле згрижени поради изложеност на ниски температури и хипотермија.

По извршената медицинска тријажа, четири лица се пренесени во болницата во Винковци, две во Вуковар и две во Славонски Брод. Потрагата продолжува.