Седлоски посебно пофали еден играч по ремито со Ирска: Ја оправда довербата

Дерби

01/04/2026

11:21

608

Големина на фонт

а а а

Гоце Седлоски го искористи натпреварот со Ирска за да ги тестира сите играчи кои ги има на располагање, па во контролен меч кој заврши со резултат 0:0, извлече најпозитивен заклучок за фудбалерот кој доби шанса во стартната постава.

Имран Фетаи одлично одговори на укажаната доверба и одигра фантастични 66 минути на „Авива стадионот“, а по крајот на мечот, доби пофалби токму од човекот кој му даде шанса да дебитира.

– Дадов шанса на сите фудбалери кои беа во тимот и секако сум задоволен од залагањето на сите. Сепак, можам да бидам посебно задоволен од Фетаи кој ја оправда довербата која му ја укажав, – изјави Седлоски, кој извлече позитивен заклучок по ремито без голови против Ирска.

– Одигравме тврд натпревар без многу возбудувања пред двата гола, немаше многу шанси. Ирците имаа само две добри шанси, успеавме да ги неутрализираме и може да бидеме задоволни. Со оглед на тоа во каква психолошка состојба бевме, ова реми доаѓа добро за сите, – изјави Седлоски.

Новиот предводник на националниот тим уште еднаш нагласи дека ќе има освежувања во репрезентацијата во месец јуни, а посочи дека после неколку месеци работа ќе има појасна идеја за тоа како треба да изгледа играта во напад, особено поради тоа што вети офанзивен фудбал на промоцијата како селектор.

– Работам само седум дена со тимот и тоа е малку време за да се спроведат било какви идеи. Знам дека најавив офанзивен фудбал, но игравме против селекции како Данска и Ирска на нивни терен. Головите ќе дојдат во иднина, а во јуни ќе има и освежувања во националниот тим, – нагласи Седлоски.