СДСМ Аеродром бара итно одложување на зонското паркирање во Реонски Центар поради реакции од жителите

Макфакс

30/03/2026

12:27

141

Големина на фонт

а а а

Советничката група на СДСМ во Општина Аеродром побара итно одржување седница на Советот со цел привремено одложување на примената на зонското паркирање во зоната Д12 во Реонски Центар.

Од СДСМ предлагаат Советот да усвои заклучок со кој ќе се задолжи градоначалникот Дејан Митески, во координација со Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“, да преземе активности за одложување на воведувањето на зонското паркирање во Реонски Центар, но и да се забрза воведувањето на зонско паркирање во Ново Лисиче.

Барањето, како што наведуваат, доаѓа по бурните реакции на жителите на Ново Лисиче по најавата за воведување на зоната Д12, донесена од градоначалниците Орце Ѓорѓиевски и Дејан Митески.

Според СДСМ, револтот кај жителите е оправдан, бидејќи тие веќе подолг период се соочуваат со недостиг на паркинг простор, особено по воведувањето на зонско паркирање зад трговските центри Капитол и Бисер.

„Стартот на примената на зонското паркирање во Реонски Центар, најавен за 1 април, дополнително ќе го продлабочи хаосот со недостигот на слободни паркинг места во Ново Лисиче“, наведуваат од советничката група.

Оттаму предупредуваат дека селективното воведување на зонско паркирање само во еден дел од општината доведува до пренасочување на возилата кон нерегулирани зони, што дополнително ги отежнува условите за паркирање за жителите.

СДСМ смета дека зонското паркирање треба да се воведува паралелно и координирано во двата реони – Ново Лисиче и Реонски Центар, со цел да се обезбеди рамномерна и правична распределба на паркинг просторот.

На крајот, од партијата бараат итна реакција од градоначалникот Митески и од мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се спречи, како што велат, дополнителен хаос поради несоодветниот пристап кон проблемот со паркирањето во една од најгусто населените општини во Скопје