Бара повеќе од 20 милиони евра отштета: Пејачот на нумерата од филмот „Кралот лав“ тужи комичар поради превод на песната

Точка

27/03/2026

21:01

437

Големина на фонт

а а а

Лебоханг Мораке, јужноафрикански композитор и добитник на „Греми“, кој го отпеа прочуениот воведен дел во песната „Circle of Life“ на почетокот од филмот „Кралот лав“ на „Disney“, поднесе тужба против комичарот Лернмор Џонаси поради „наводно нарушување на неговата репутација преку намерно погрешно претставување на значењето на песната во поткаст и за време на стенд-ап настап“.

Музичарот бара повеќе од 20 милиони долари отштета поради погрешниот превод на Џонаси.

Нумерата „Circle of Life“, која беше номинирана за „Оскар“ за најдобра оригинална песна (изгуби од друга песна од истиот филм, „Can You Feel the Love Tonight“) и за „Греми“ за песна на годината, а ја компонираше Елтон Џон, започнува со култното зулу-пеење: „Nants’ingonyama bagithi Baba“. Оваа фраза се преведува како: „Сите поздравете го кралот, сите се поклонуваме во присуство на кралот.“

Во тужбата на Мораке се посочува епизода од поткастот „One54“, во која Џонаси се пошегувал дека текстот на зулу јазик значи: „Погледни, таму има лав. О, Боже мој.“ Водителите на поткастот се смееле, велејќи дека очекувале преводот да биде „поубав и повеличествен“.

Наводно, Џонаси направил слична шега за песните од споменатиот филм и за време на настап на 12 март во Лос Анџелес, при што „доби овации од публиката“, според тужбата.

„Таквите вирални изјави“, се наведува во тужбата, „ги нарушуваат деловните односи на Мораке со ’Disney‘ и неговите приходи од тантиеми, предизвикувајќи повеќе од 20 милиони долари реална штета“. Во тужбата се бараат и седум милиони долари казнена отштета.

Имено, се тврди дека Џонаси го претставил својот превод како авторитативен факт, а не како комедија, па затоа не би требало да ужива заштита на слободата на говор која се однесува на пародија и сатира што исмеваат други уметнички дела.

Иако Џонаси не ја коментирал тужбата од правен аспект, неодамна објавил видео на социјалните мрежи за време на својата американска турнеја, во кое изјавил дека е „голем фан“ на работата на Мораке. Понудил и заеднички да снимат видео во кое би го објасниле значењето на песната од филмот „Кралот лав“.

„Комедијата секогаш има начин да започне разговор“, изјави Џонаси во видеото. „Ова е ваша можност навистина да ги едуцирате луѓето, бидејќи сега луѓето слушаат.“