[ВИДЕО] Фановите не престануваат да го критикуваат трејлерот за играната адаптација на „Moana“: „Безживотно ѓубре што ќе заработи милијарда долари“

Точка

24/03/2026

13:00

902

Големина на фонт

а а а

„Disney“ го објави официјалниот трејлер за претстојната играна верзија на филмот „Moana“ („Vaiana“). Во главните улоги се дебитантката Кетрин Лага’аија како Моана, вешта навигаторка, и Двејн Џонсон, кој ја повторува својата улога на полубогот и измамник Мауи од анимираниот оригинал.

Обожавателите на оригиналниот филм во трејлерот ќе препознаат бројни сцени, од интеракцијата на Моана со Мауи и ракoт опседнат со сјајни предмети до огненото суштество Те Ка. Трејлерот содржи и познати песни, вклучувајќи ја „I Am Moana (Song of the Ancestors)“.

Според официјалниот опис, филмот ќе го прикаже првото патување на Моана надвор од границите на својот остров Мотунуи, во придружба на полубогот Мауи, со цел да ја врати благосостојбата на својот народ.

Останатиот дел од актерската екипа го сочинуваат Џон Туи како таткото на Моана, поглаварот Туи, Френки Адамс како нејзината мајка Сина и Рена Овен во улогата на бабата Тала. „Disney“ филмот го нарекува „ново видување“ на остварувањето номинирано за Оскар, пренесува „The Hollywood Reporter“.

Играната верзија ја режира Томас Кејл, познат по работата на мјузиклот „Hamilton“, додека продуценти се Џонсон, Дени Гарсија, Бо Флин, Хирам Гарсија и Лин-Мануел Миранда. Извршни продуценти се Кејл, Скот Шелдон, Чарлс Њуирт и Аулиʻи Краваљо, која го позајми гласот на Моана во анимираниот филм и неговото продолжение.

Реакции на социјалните мрежи

Како и повеќето играни адаптации на „Disney“, „Moana“ наиде на негодување кај обожавателите на социјалните мрежи. Додека некои се жалат на неоригиналноста на „Disney“, други не престануваат да го исмеваат изгледот на Двејн Џонсон и CGI-животните.

„Безживотно, бездушно ѓубре што ќе заработи милијарда долари“, напишал еден корисник на X, додека друг додал: „Ова изгледа како реклама за T-mobile што би се емитувала за време на Супербоул“.

„Супер ми е како веќе не се ни преправаат дека им е грижа за квалитетот на овие работи. Знаат дека можат да снимат скеч во стилот на SNL и сепак да заработат милијарда долари“, напишала корисничка на социјалната мрежа.

Филмот „Moana“ содржи оригинални песни потпишани од Миранда, Опетаја Фоаи и Марк Манчина, кој воедно ја компонирал и оригиналната музика за филмот. Филмот во кината пристигнува на 10 јули.