Нападите на Иран во близина на урбаните области во земјите од Персискиот Залив се резултат на преместувањето на американските сили од воените бази во хотелите во градовите, изјави министерот за надворешни работи Абас Аракчи за „Ал Џезира“ во коментарите објавени од иранските медиуми во среда.
„Каде и да се собираат американските сили, каде и да се нивните објекти, тие се цел. Можно е некои од овие места да се во близина на урбаните области“, рече високиот ирански дипломат.
Аракчи призна дека земјите во регионот биле „вознемирени од иранските напади, но додаде дека вината за започнувањето на војната на 28 февруари е целосно на САД.
Аракчи, исто така, за „Ал Џезира“ изјави дека ставот на Иран против развојот на нуклеарно оружје нема значително да се промени, додавајќи дека новиот врховен лидер сè уште јавно не го изразил своето мислење за ова прашање.
Поранешниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен на почетокот на американско-израелската војна против Иран, се спротивстави на развојот на оружје за масовно уништување во фатва, или религиозен едикт, издаден на почетокот на 2000-тите.
Западните земји, вклучувајќи ги САД и Израел, со години го обвинуваат Техеран дека се стреми да развие нуклеарно оружје, додека иранските власти инсистираат дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за цивилни цели.
Аракчи рече дека фатвите зависат од тоа кој ги издава и додаде дека сè уште не е во позиција да ги суди ставовите на Моџтаба Хамнеи, новиот врховен лидер на Иран.
„Исламската Република не зависи од ниту една личност“
Аракчи, исто така, рече дека САД и Израел не разбираат дека Исламската Република е робустен политички систем и не зависи од ниту една личност.
Смртта на високи функционери нема да го наруши управувањето и државата ќе продолжи да функционира, додаде тој.








