Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, денес изјави дека земјата нема да биде вовлечена во поширока војна во Иран, но дека ќе соработува со сојузниците, вклучително и оние во Европа, за повторно отворање на Ормутскиот теснец, иако, како што изјави, „тоа нема да биде лесно“.
Стармер рече дека повторното отворање на водниот пат, кој е од витално значење за нафтата и течниот природен гас, е клучно за стабилизирање на енергетските пазари, пренесува Ројтерс.
– Тоа не е лесна задача. Затоа соработуваме со сите наши сојузници, вклучително и нашите европски партнери, со цел да изготвиме одржлив колективен план што може да ја врати слободата на пловидба во регионот што е можно побрзо и да го ублажи економското влијание – изјави премиерот на Велика Британија на прес-конференција.
Стармер ги откри првите мерки за финансиска поддршка како резултат на конфликтот, пакет од 53 милиони фунти (70,30 милиони долари) за најранливите домаќинства кои се потпираат на нафта за греење, извор на енергија чија цена нагло се зголеми од почетокот на конфликтот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави за време на викендот дека сака сојузниците, вклучувајќи ги Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Велика Британија и други, да испратат бродови во областа за да го одржат теснецот отворен и безбеден.
Околу една петтина од светската нафта и течен природен гас поминува низ Ормутскиот теснец, тесен воден пат помеѓу Иран и Оман.
Способноста на Техеран да го запре превозот низ каналот би можела да ѝ даде на земјата огромна предност во однос на САД и нејзините сојузници, соопшти агенцијата.








