Странски хакер пред три години упаднал во системот на ФБИ и пристапил до доверливи датотеки поврзани со истрагата против Џефри Епстин, објави Ројтерс, повикувајќи се на документи на американското Министерство за правда и извор запознаен со случајот.
Инцидентот се случил во февруари 2023 година, кога сервер во канцеларијата на ФБИ во Њујорк останал незаштитен. Хакерот пребарувал датотеки поврзани со истрагата за Епстин, но не е познато до кои точно документи пристапил ниту дали презел податоци.
Според изворот, хакерот првично не знаел дека упаднал во сервер на ФБИ. Тој дури оставил порака во која изразил згрозеност поради материјалите со злоупотреба на деца и се заканил дека ќе го пријави сопственикот на серверот во ФБИ.
Подоцна службениците на ФБИ стапиле во контакт со него и му објасниле дека серверот е нивни, дури и му ги покажале службените значки преку видеоповик.
Сè уште не е познато кој бил хакерот, од која земја делувал и што направил со податоците до кои пристапил.








