Рубио: Израел планираше да го нападне Иран, мораше да извршиме превентивни напади

Макфакс

03/03/2026

07:58

255

Големина на фонт

а а а

Одлуката на Израел да го нападне Иран и сигурноста дека американските сили ќе бидат цел на одмазда ја принудија администрацијата на Трамп да преземе превентивни напади, изјави државниот секретар Марко Рубио, нудејќи ново објаснување за влегувањето на Вашингтон во конфликтот.

Таа логика предизвика поделени реакции меѓу водечките членови на Конгресот кои синоќа го слушнаа првиот брифинг на администрацијата на Трамп откако ги нареди нападите за време на викендот, објави „Гардијан“.

Рубио, директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, и претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили, Ден Кејн, им се обратија на пратениците зад затворени врати на Капитол Хил пред гласањето за резолуцијата за воени овластувања. Се очекува резолуцијата да се гласа во Претставничкиот дом подоцна оваа недела.

„Беше кристално јасно дека ако Иран биде нападнат од некого, без разлика дали станува збор за САД, Израел или трета страна, тој ќе возврати со напад и ќе возврати врз САД“, им рече Рубио на новинарите.

„Знаевме дека Израел подготвува акција. Знаевме дека тоа ќе предизвика напад врз американските сили и знаевме дека ако не нападнеме превентивно пред да ги започнат своите напади, ќе претрпиме големи загуби“, додаде тој.

Потпретседателот Џеј Ди Венс синоќа во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека целта на САД е да се осигурат дека „Иран не може да има нуклеарно оружје“.

„Претседателот сака да им испрати јасна порака на Иранците и на целиот свет дека нема да застане сè додека не постигне исклучително важна цел – да се осигура дека Иран не може да добие нуклеарно оружје“, рече Венс, кој беше еден од најсилните противници на воената интервенција во администрацијата на Трамп и зборуваше поретко од Рубио за американските акции во Иран