Левица поднесе кривична пријава против поранешната антикорупционерка Цвета Ристовска

Макфакс

02/03/2026

12:23

187

Големина на фонт

а а а

Левица поднесе кривична пријава против поранешната членка на Антикорупциска комисија Цвета Ристовка поради сторено кривично дело Противправно стекнување и прикривање на имот, соопштија од партијата.

„Имено, Цвета Ристовска, спротивно на обврските од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси за пријавување на целосна и вистинита имотна состојба, која вклучува личен и имот на членовите на семејството – иако била должна, не пријавила две компании во сопственост на членови на нејзиното семејство. Јасно е дека се работи за свесно и намерно прикривање на имот, ако се има предвид фактот дека компаниите кои не ги пријавила Ристовска добиле 2 милиони денари од касата на ДПМНЕ, очигледно како награда за непостапувањето на Ристовска против нивните функционери“, велат од Левица.

Според партијата, оваа теза дополнително ја потврдува фактот што поранешната антикорупционерка го пријавила останатиот имот на своите деца во анкетниот лист, но, како што велат од Левица, свесно и намерно, ја изоставила фирмата која постои уште од 2020 година.

„Цвета Ристовска стана симбол на корупција во институцијата која треба да се бори против високата корупција. Таа беше директна инсталација на владејачката партија, која амнестираше два високи функционери од партијата на власт – Бојан Христовски и Ивица Томовски. Само оставка од позицијата антикорупционер не е доволна. За свесното прикривање имот одговорност за Цвета Ристовска мора да има. Ревизија на сите предмети кои ги работела компромитираната антикорупционерка мора да има за да се стави крај на штитењето на корупцијата на највисоките ешалони на власта“, велат од Левица.