Филипче за Груби: Сè е договорено

Макфакс

01/03/2026

14:12

208

Големина на фонт

а а а

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека случајот со враќањето на Артан Груби и одлуката за куќен притвор се јасен показател дека постои политички договор и директно влијание врз судството и обвинителството од страна на власта.

„Еве ги прашањата за Артан Груби. Ние ги поставуваме од моментот кога дојде. Еве и сега ги поставувам. Како е можно на тој начин да се врати бегалец од правдата, да го пречекаат камери, да го пречека специјална полиција и да оди во домашен притвор? Сте слушнале ли одговор од ВМРО-ДПМНЕ? Не. Ниту ќе слушнете. Поради тоа што има договор. Тоа е вистината. На кое прашање до премиерот вие сте слушнале конкретен одговор? Сè е дефокус и сè е бегање од темата. На прашањето коешто јас го поставив – кој е Душан Адамовиќ, новопоставениот конзул на Македонија во Србија – премиерот не одговори. Избегна да одговори затоа што одговорот не му одговара. Секогаш е дефокус – Харис Џиновиќ, Дубаи, плажа. Тоа одговара премиерот. Недоличен речник и начин на коментирање на човек што ја води Владата и државата.“ рече Филипче.

Тој потенцираше дека ваквиот развој на настаните не може да се случи без политичка координација и контрола врз институциите.

„Такви политички договори во коишто судството и обвинителството се послушници никому не носат добро. Уште премиерот фалеше дека ќе го пречека Артан Груби на граница“, нагласи Филипче.

Додаде дека наместо институциите да функционираат независно и согласно законите, јавноста сведочи на координирани чекори – од медиумското покривање на враќањето, до експресното определување куќен притвор.