Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: Заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу

Макфакс

01/03/2026

12:16

142

Големина на фонт

а а а

Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.

„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.

На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.

Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.