Ќе има ли нафта? Танкерите сè уште поминуваат, но…

Точка

28/02/2026

19:48

799

Големина на фонт

а а а

Иран како одмазда веќе започна да напаѓа цели и во Израел и од другата страна на Персискиот Залив, но што ќе се случува во Ормускиот Теснец? Танкерите сè уште пловат, но цената на осигурувањето нагло расте.

Од повеќе соседни земји на Иран пристигнуваат извештаи за напади. Новинар на агенцијата „Ројтерс“ извести дека во катарската престолнина Доха се слушнале повеќе експлозии, а и од Абу Даби пристигнаа информации за силни детонации, пишува „Дојче Веле“.

Во воздушен напад врз една воена база на ирачката армија загинало едно лице, соопшти портпаролот на базата. Во Кувајт се огласиле сирените. Бахреин, според наводите на државната новинска агенција, потврдил дека бил цел на напад.

Иранските вооружени сили објавија дека нападнале вкупно четири американски воени бази во регионот. Меѓу таргетираните локации биле воената база Ал Удеид во Катар, базата Ал Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати, како и американската флота во Бахреин, пренесе агенцијата „Фарс“.


Според израелски извори, Иран испукал ракети кон Израел. Војската соопшти дека открила ракети истрелани од Иран кон Израел, поради што во повеќе делови од земјата била активирана воздушна тревога, со сирени и предупредувања на мобилните телефони. Голем број ирански проектили биле уништени пред да ја погодат целта, но сепак има и жртви.


Но големото прашање е како овој судир ќе се одрази врз цената на нафтата: уште овој петок, кога преговорите во Женева покажаа дека нема да има согласност, цената на нафтата на светскиот пазар порасна за околу 3%. Оваа сабота, кога нападот навистина започна, практично сите берзи се затворени, па дури во понеделник ќе се види вистинскиот размер на паниката на пазарот.

А паниката веќе е видена безброј пати:

во 1990 година, по ирачката инвазија врз Кувајт, нафтата од типот Брент поскапе за 30% за само 48 часа;

во 2003 година, во пресрет на инвазијата врз Ирак, цената порасна за 15%;

во 2019 година, по нападите со дронови врз Абкаик во Саудиска Арабија, цената експлодираше за 20% во еден ден;

во 2022 година, по нападот на Русија врз Украина, нафтата поскапе за 35% за четири дена.


Главното оружје на Иран, всушност е Ормускиот теснец — клучната врска за извозот на нафта на практично сите земји од Персискиот Залив. По нападот врз Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати наводно веќе го зголемиле извозот, во очекување на можни нарушувања во испораките.

Одлука за поголемо зголемување на производството би можела да биде донесена на состанокот закажан за оваа недела. Колку дополнително би можело да се зголеми производството сè уште не е договорено, изјавил еден од упатените соговорници за новинарите на агенцијата „Ројтерс“.


На состанокот на осум земји-членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници, првично требало да се разговара само за „умерено зголемување“. Според зборовите на делегатите, досега како веројатно се сметало зголемување на производството за 137.000 барели дневно во април, со цел да се задоволи зголемената побарувачка во текот на летото.

Но, со оглед на околностите, квотата сега би можела да биде и повисока. Сепак и нафтата од Саудиска Арабија и од Обединетите Арапски Емирати во најголем дел мора да помине низ Ормускиот теснец — што значи дека околу една петтина од вкупната светска понуда на нафта буквално се наоѓа пред цевките на иранската артилерија и останатото оружје.

Осигурителот „Лојд“ веќе ја зголеми премијата за осигурување на пловидбата со оглед на воениот ризик (War Risk Premium) од околу 0,125% од вредноста на бродот на околу 0,3%, што значи дека танкер за нафта вреден 100 милиони долари сега плаќа околу 300.000 долари.

За танкери кои имаат некаква поврзаност со САД или Израел, премијата достигнува дури 0,7% од вредноста на бродот.

Исто така, досега осигурувањето се склучувало на период од два дена, а сега рокот е скратен на само 24 часа, по што осигурителот повторно ќе го процени новиот износ на премијата.


Некои веќе целосно го запреа сообраќајот низ тој теснец, но за нафтата од другите земји од Персискиот Залив едноставно нема алтернативен пат.

Буквално е невозможно да се предвиди што може да се случи таму. Техеран веќе го почувствувал гневот на САД и на други земји од Персискиот залив по инцидентот во 2019 година, кога во Оман беа оштетени четири танкери со магнетни поморски мини, за што беше обвинет Иран.

Дури и нападот со дрон врз израелски танкер во 2021 година,во кој загинаа двајца морнари, предизвика најостри реакции не само од Израел и САД, туку и од арапските земји.

Но доколку овој судир потрае подолго, тешко е да се каже што би можел да направи некој офицер на Револуционерната гарда „брз на чкрапалото“ додека на само неколку милји од брегот на Иран минува танкер под знаме на непријателска држава.

Некаква заштита на бродовите што минуваат таму речиси и да не е можна: Персискиот залив е премногу тесен и плиток за танкерите да можат да пловат под заштита на посериозни воени бродови, а притоа и самите воени бродови да не бидат изложени на истата опасност.

И во овој случај, американските поморски сили се најпрво концентрирани од другата страна на Иран, во Индискиот океан, додека пред влезот во Персискиот залив има само неколку помали воени бродови.