Кејт Мос повторно докажа зошто со децении го носи статусот на модна икона, појавувајќи се на ревијата на модната куќа „Gucci“ за време на Модната недела во Милано и предизвикувајќи огромен интерес во јавноста.
Легендарната британска манекенка, која ги одбележа 90-те години со својот препознатлив стил и став, се врати на пистата во впечатлив црн фустан кој на прв поглед делувал елегантно и минималистички, но одзади откривал многу поодважен детаљ.
Долгата црна креација имала длабок изрез на грбот кој ја нагласувал нејзината витка фигура, додека под неа се наѕирале црни танга гаќички со видливо лого на „Gucci“, што на целиот изглед му даде провокативна и модерна нота.
Предниот дел од комбинацијата бил воздржан и софистициран, создавајќи силен контраст во однос на смелата задна силуета. Токму тој спој на класична елеганција и сензуална естетика беше еден од највпечатливите моменти на вечерта.
Мос ја носеше косата пуштена во благи бранови. Нејзиниот од по пистата беше сигурен и опуштен, потсетувајќи на златната ера на супермоделите кога токму личности како неа доминираа во модниот свет. Публиката нејзиното појавување го испрати со воодушевување, а социјалните мрежи набрзо се исполнија со коментари за нејзиниот изглед и енергија.
Ова враќање на пистата на „Gucci“ има и симболична тежина, бидејќи Мос со оваа модна куќа беше силно поврзана во врвот на својата кариера. Нејзиното повторно појавување на големата модна сцена многумина го протолкуваа како прослава на трајното влијание што го има врз индустријата, но и како доказ дека харизмата и стилот не познаваат години.
На 52-годишна возраст, таа покажа дека и понатаму може да доминира на пистата подеднакво силно како и на почетокот на својата кариера, потврдувајќи го својот статус на една од најпрепознатливите фигури во историјата на модата.
Ревијата означуваше свечен настан на кој Демна Гвасалија дебитираше како нов креативен директор на модната куќа „Gucci“, што привлече дополнително внимание од модната јавност. Колекцијата под наслов „Primavera“ беше силно инспирирана од сензуалниот стил од 90-те години и од делата на легендарниот дизајнер Том Форд од неговата рана ера во „Gucci“, со акцент на силуети приспособени на телото, секси кроеви, логоа и гламурозни материјали кои го евоцираа духот на таа епоха.
На пистата, покрај Кејт Мос, се појавија и други големи ѕвезди на модната сцена – меѓу моделите кои носеа комбинации од колекцијата беа Емили Ратајковски, Карли Клос, Ирина Шајк, Алекс Консани и Елса Хоск.











