Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија е запознаена со плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за производство на такво оружје.
„Американците, секако, ќе бидат информирани за сè, но тие веќе знаат. Во моментов ова се коментира на сите канали. Ние ќе им го кажеме тоа конкретно“, изјави Ушаков за телевизискиот канал „Росија 1“ и додаде дека плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за негово производство ќе влијаат врз ставот на Русија за решавањето на украинскиот конфликт, пренесуваат „Интерфакс“ и „Танјуг“.
Претходно денеска, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ објави дека употребата на руско нуклеарно оружје против цели во Украина, како и нуклеарни удари врз Велика Британија и Франција, би биле легални и оправдани доколку Лондон и Париз му предадат нуклеарна технологија на Киев.








